Замрзнат имотот на бизнисменот Борче Марковски во Србија и Македонија
ОЈО Битола побарало од српските власти да се отвори сефот кој Марковски го имал во една српска банка
БИТОЛА – Замрзнат е имотот на бизнисменот Борче Марковски, сопственик на „Марковски Компани ДООЕЛ“ од Битола. Марковски од минатата недела е во притвор во затворот во Битола. ОЈО Битола денска соопшти дека замрзнат е имот во Србија и Македонија од осомничен за злоупотреби во РЕК „Битола“.
Марковски со својот бизнис повеќе од две децении беше активен во градежниот сектор, но стана познат во јавноста по своите милионски договори со РЕК „Битола“, најголемиот енергетски капацитет во државата. Марковски во јавноста е познат и како почесен конзул на Белорусија во Македонија.
„Основното јавно обвинителство Битола, преку Канцеларијата за поврат на имот во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, упати итно барање до надлежните органи на Република Србија за замрзнување имот – 10 нови товарни и приклучни возила набавени во 2025 година за правно лице со седиште во Белград за кое е утврдено дека има сопственичка поврзаност со лице осомничено за злоупотреби во РЕК ‘Битола’ против кое беше поведена истрага на 9 октомври“, соопшти ОЈО Битола.
Од српските органи ОЈО Битола побарало да му забранат на правното лице од Белград, на неговиот управител или на друго лице во нивно име да ги отуѓува, оптоварува или да располага со моторните возила за кои постои сомнение дека се набавени и претставуваат посредна имотна корист од кривичните дела за кои е отворена истрага.
Дополнително, од српските власти било побарано да се обезбеди и да се отвори сеф за кој е утврдено дека осомничениот го поседува во една српска банка со цел да се провери неговата содржина.
Поднесените барања биле прифатени и српското обвинителство издало наредби за замрзнување на наведениот имот.
„Освен ова, од сметките на осомничениот и неговата фирма во државава, која исто така е опфатена со истрагата, по барање на обвинителството се замрзнати околу 30 милиони денари, а обвинителството побара да се забрани и располагање на дополнителен движен и недвижен имот во државава – три стана во Скопје, парцела градежно неизградено земјиште и гаража стекнати во 2024 година, како и три товарни и едно патничко возило набавени во 2025 година, за кои постои сомнение дека претставуваат принос од казниво дело, односно имот кој во иднина може да е предмет на конфискација поради сторените кривични дела кои се опфатени со истрагата“ стои во соопштението на ОЈО Битола. (А.Б.)