Замир Мехмети: Знам за приватните проблеми на Павле
Поранешниот активист кој беше дел и од „Шарената револуција“, Замир Мехмети, се огласи по низата напади и критики во врска со објавената аудио снимка на која се слуша гласот на пратеникот Павле Богоевски. Откако Богоевски призна дека тоа е неговиот глас и дека набавувал нелегални супстанци, односно масло од канабис, јавноста реагира дека тој треба да поднесе оставка.
Мехмети во својата реакција вели дека знае за приватните проблеми на Павле и дека тој набавува масло од канабис за да ги ублажи болките на неговата сестра.
Во прилог целиот Фесјбук статус на Мехмети:
„Има многу причини поради кои на принципиелна основа не сум се согласувал со Павле. Има многу негови постапки и пристапи за кои сум сметал дека се несоодветни особено поради тоа што како политичар се створи на протести, меѓу нас кои заедно растевме и политички созревавме на улиците борејќи се за правда. Поради тоа сум се карал, сум се дистанцирал од него, сум пробувал и со добро и со лошо да му ги наметнам моите гледишта за принципите кои сум сметал дека ни се заеднички. Некогаш сум успевал, некогаш не.
Затоа разбирам зошто неговото политичко делување предизвика антагонизам кај дел од јавноста но никако не можам да разберам зошто таа јавност е толку гладна за сензационализам, лековерна на наслови и спремна да осудува без никаква намера да биде објективна и со сознание за целата приказна.
По игра на случајност знам за приватните проблеми со кои се соочува Павле. Знам за трагедијата која есеноска му се случи нему и на неговото семејство. Сестра му настрада во тешка сообраќајна несреќа и после повеќе од 20 дневна кома се разбуди со тешки последици. Маслото од канабис и помага за полесно справување со болките исто како што помага и за ублажување на симптоми од многу болести.
Не знам за вас но јас лично би одел до Северна Кореа да го договорам и Ким Јонг Ун за пола нуклеарка ако тоа би му помогнало на некој мој близок. Ова го зборувам како син на татко со преживеани 14 мозочни удари кој 15 години беше практично инвалид. Морализирање на овие теми сведочи за отсуство на сочуство и емпатија помеѓу луѓето што е показател за суровоста која не има обземено сите.
Да критикуваме за политичкото делување на одговорните луѓе, да ги отценуваме нивните постапки кои имаат директен импакт на нашите животи но да ги оставиме луѓето да се борат за подобрување на квалитетот на животот на блиските од здравствен аспект, бидејќи на крајот на денот тоа е нешто што сите ние го правиме, на овој или на оној начин.
И на крај…
Време е… крајно време за декриминализација за лична употреба на канабис и маслото од канабис. Време е Моника и луѓето како неа да не се третираат како криминалци. Време е да не мораме да се правдаме за користење на билка која третира над 400 симптоми. Затвор и притвор за криминалците а слобода за активистите.“