Закашлајте се и исплукајте чист воздух!
Загадениот воздух, тивко ги убива граѓаните, а власта со млакиот однос - сопствените гласачи. Премиерот пак зборува за когенеративни централи додека луѓе секојдневно умираат од трујачницата во Скопје и други градови
Атмосферска инверзија, студено, топло, греење, со дрва, со пелети, мазут, инвертери, клими, парно… Превоз, јавен и приватен; со дизел возило или бензинец, на гас, на струја…
Експерти станавме за тоа како да придонесеме за почист воздух во главниот град, но мерните станици со денови покажуваат црвено. Апликациите покажуваат и виолетово. Покрај повиците на експертите, оние кои во лабораторија ги обработуваат податоците, да не се вознемируваме заради бојата на графичкиот приказ на загадувањето, сепак, останува фактот дека Скопје, особено во овој период од годината, редовно е со загаден воздух. Не се дише, што би се рекло!
Индивидуалниот придонес за намалување на загадувањето се граничи со онаа кога пилето во клунчето носело вода за да гаси пожар, а другите му се смееле и прашувале зошто го прави тоа, кога знае дека нема да го згасне пламенот. Тоа рекло: „Јас направив најмногу што можев!“
Така и ние: се возиме со градски автобус (кога го има), менуваме начин на греење дома, па повеќе не чадиме… и толку!
Мантрата на политичарите, сегашните и сите претходни дека „загадувањето не се решава преку ноќ“, повторно е актуелна, а бројките покажуваат екстремно загадување во повеќето скопски општини, но и во внатрешноста, како Струмица, Кичево, Битола, Прилеп, Велес, Кочани, Куманово, Гостивар, Тетово, Струга…
Ако почнеа со стратешки, добро насочени мерки првата ноќ кога некој политичар ја изрече оваа реченица, досега ќе зборувавме за воздух чист како на планина.
Надлежните, кои низ годините се менуваат, вообичаено загадувањето на Скопје почнуваат да го спомнуваат кога ни воздухот градот ќе се појавува како соблазна – што од магла, што од смог.
Годинава, премиерот Христијан Мицкоски како голема мерка за намалување на загадувањето најави поставување филтри на оџаците. Но, од тогаш ниту излегоа со бројка, дали и колку филтри биле субвенционирани, дали се инсталирани, дали се исполниле очекувањата, колку пари се потрошиле. Ниту пак може да очекуваме да дознаеме колку се прочистил воздухот заради оваа мерка.
Ваквиот однос на властите се повторува од година во година, без разлика кој е на власт. Четири години градоначалничката Данела Арсовска не воведе ниту една конкретна мерка за намалување на загадување, освен најавените, а неостварени мегапаркови, како и неочекуваното, но очигледно добредојдено сопирање на градските автобуси кога беа во штрајк, што приватни што државни. Барем не загадуваа! Во тоа време беа субвениционирани инвертери, кои Министерството за економија ги раздели во целата држава, па некаков драстичен импакт врз намалување на загаденоста не се покажа и со таа мерка.
Чистење на депониите и нивно претворање во паркови, замена на стари печки со пелети или инвертери, прочистувачи за воздух, енергетски ефикасни фасади, филтри на оџаци, инспекции на индустриски загадувачи, се само дел од наводните активности на секоја власт, кои ни краткорочно не придонесуваат за почист воздух во македонските градови. Секој следен функционер со нив се фали. Резултати – нема!
Сѐ додека не се земе некое парче земја, населба, дел од град, каде би се вовеле мерки за секое домаќинство, па да се измери загаденоста сега и по спроведување на мерките, па ако има подобрување, тој систем да се рашири на сите останати – големите мерки што ги најавува секој повикан политичар, само ќе се разводнуваат и претопуваат во општото сивило.
Списокот мерки кои може да се спроведат за да не дишеме загаден воздух, е богат и долг само кога политичарите се во опозиција. Штом дојдат на власт, темата ја премолчуваат додека не биде предоцна.
Сегашната опозиција бара прогласување еколошка и здравствена кризна состојба во Скопје и свикување на итна седница на Советот на Град Скопје и велат „имаме и конкретни мерки за намалување на загадувањето“. Зошто не ги спроведоа додека беа на власт, не знаеме.
Кризна состојба е аларм што овозможува властите да реагираат веднаш и поефикасно, наместо да чекаат редовни процедури. Таа би овозможила мобилизација на ресурси, односно брзо финансирање и насочување на средства кон мерки за чист воздух; Може да се воведе бесплатен јавен превоз за да се намали сообраќајот, ограничување на индустриски емисии, забрана за користење на одредени горива, па дури и ограничување на движење во најзагадените делови; се активираат повеќе институции за заеднички и брзи акции.
Ако се знае дека Владата ги има намалено средствата за чист воздух, јасна е негрижата за граѓаните. Истите оние кои ја изгласаа, истите оние кои го изгласаа и градоначалникот на Скопје и градоначалниците на повеќето општини низ републиката. Загадениот воздух, тивко ги убива граѓаните, а власта со млакиот однос – сопствените гласачи. Преземете нешто конкретно и брзо! Еве, и опозицијата ви се нуди на помош! Бидете барем еднаш консензуални и сплотени! Ако не за надворешната политика, тогаш барем за внатрешната трујачница.
Премиерот Мицкоски, денеска, по којзнае кој пат ги спомна когенеративните централи, кои треба покрај струја, како нуспроизвод да греат вода, која би ги загревала домаќинствата. И самиот е свесен дека тоа е долг процес, а овие најави ги проектира да почнат во следните години, а потоа и да завршат и да придонесат за почист воздух. Утре да почне со реализација на овие централи, еве да речеме и дека ќе се зафатат веднаш и со поставување инфраструктура за спроведување на таа топла вода до домаќинствата, граѓаните би виделе бенефит од оваа мерка за пет до 10 години. Предолго и премалку!
Ако секоја година одново, во лето зборуваме за неможност за справување со пожари, кои покрај директно загадување ги пустошат шумите кои се белите дробови на секој град и секое село, ако во зима зборуваме за загадување од греење со дрва и други штетни материјали, ако цела година зборуваме за загадување од автомобилите, а еколошни јавен транспорт не обезбедуваме, ако знаеме дека депонии си има и никако да ги затвориме, ако не воспоставиме систем за селекција на отпад и негово рециклирање или реупотреба, како како во некоја пристојна година за чекање, еве на пример 2030-та, би дишеле почист воздух.
Вардариште, Цеметарница, складиштата за автомобилски гуми и електронски отпад, депониите во Стуга, Струмица, околните во Скопје, ќе бидат само дневна тема за препукување меѓу партиите, оние на власт во моментот и тие во опозиција. Додека Министерството за животна средина само организира средби со наши и странци, во добро климатизирани хотели, место да излезе во жариштата на екоцидните локации, па да помириса, да им се насолзат очите, да ги загребе грлото, да се закашлаат, па да исплукаат решение од кое нема да отстапат ни тие, ни оние по нив, дотогаш ниеден протест, ниеден собир, ниедна поединечна акција нема да ни донесе почист воздух.
Како владата планира некој чистиот норвешки, шведски, швајцарски воздух да го замени со видливо црниот во Македонија, не знаеме. Ама знаеме дека наскоро ќе имаме многумина кои токму поради тоа ќе си заминат!