Закани со смрт за актер од новиот Хари Потер
Продукцијата на новата ТВ серија за Хари Потер ги засили безбедносните мерки откако еден од актерите добил сериозни закани, потврди директорот на HBO, Кејси Блојс.
Папа Есиеду, кој ќе го толкува ликот на Северус Снејп, откри дека бил мета на расистички пораки и закани со смрт по објавувањето на кастингот. Според Блојс, ваквата реакција е загрижувачка, но делумно очекувана поради силната и страствена фан-база на франшизата.
„Имаме специјални тимови и насоки за социјалните мрежи, како и сериозен безбедносен систем за вакви проекти“, изјави Блојс.
Есиеду нагласи дека не верува дека заканите ќе се реализираат, но призна дека оставаат емоционални последици. „Никој не треба да поминува низ ова поради својата работа. Јас само играм волшебник, но тоа сепак ме погодува“, изјави актерот.
Серијата, базирана на делата на Џ. К. Роулинг, моментално е во продукција и ќе понуди подетална адаптација – секоја сезона ќе следи по една книга од серијалот.
Во актерската екипа се и Доминик Меклафлин како Хари Потер, Арабела Стентон како Хермиона, Аластер Стаут како Рон, Ник Фрост како Хагрид и Џон Литгоу како Дамблдор.
Поддршка за новата генерација актери даде и Даниел Редклиф, кој го прослави ликот на Хари Потер во оригиналните филмови, посакувајќи им успех на новите ѕвезди.