„Зафир пее – Македонија пее“: Култниот албум од 1986 реиздаден на ЦД и промовиран во Скопје

Слушање на ова мало музичко – поетско чудо е чист љубовен чин, со слатки последици!, напиша Зафир Хаџиманов во текстот кој оди во прилог со ова реиздание
Скопје дочека, Зафир-не. Албумот на компакт-диск (винилот е од 1986 година ) на големиот поет, актер и музичар Зафир Хаџиманов „Зафир пее – Македонија пее“ (Зафир пјева, Македонија пјева ) денес беше промовиран во неговото Скопје, на „Денови на Кроација рекордс“ во Македонија. Објавен беше лани за најголемата дискографска куќа во регионот но, поради короната не можеше да и биде претставен на јавноста. Станува збор за реобјава на неговиот култен албум „Македонија пее“.

Зафир Хаџиманов кој почина во март на 78 години во Белград, на албумот компонираше десетина шансони и балади, на стиховите на големите поети: Константин Миладинов, Коста Рацин, Блаже Конески, Аце Шопов и Радован Павловски, Милош Црњански, Душко Радовиќ, Десанка Максимовиќ, Брана Црнчевиќ.
– „Зафир пее – Македонија пее“ е нешто највредно што го создадов. Секој стих од првата до последната шансона на ова CD е вистински бисер, а мојата музика и пеење само ја оплеменуваат и ја галат. Мојот побратим Славе Димитров, со своите аранжмани, ги прелеа со злато овие драги камења од песни. Благодарам од срце. Секако, голема благодарност до издавачот за нивната повторна верба во мојот сон. Слушање на ова мало музичко – поетско чудо е чист љубовен чин, со слатки последици!, напиша Зафир Хаџиманов во текстот кој оди во прилог со ова реиздание.
Компакт-дискот „Зафир пее, Македонија пее“ носи 11 песни и две бонус теми – „Од љубов не се бега“ и „Зајди, зајди, јасно сонце“.
– Едно од првите изданија што јас го потпишав како главен уредник на „Југотон“ во 1986 година беше токму ова – по речиси три и пол децении, тој е обновен во форма на компакт-диск. „Македонија пее“ е редок албум на автентичниот Орфеј на земјата на сонцето и песната: Зафир Хаџиманов, вели Синиша Шкарица, долгогодишен уредник на „Југотон“.
Хаџиманов сам, или со неговата сопруга, Сенка Велетанлиќ, има снимено десетици носачи на звук, ТВ-програми… Настапувал на повеќе сцени во Париз, Сиднеј, Москва…

Денес на првата промоција на „Кроација рекордс“ во Скопје по цели 30 години, уредникот на куќата во Загреб Никола Кнежевиќ и неговиот домаќин во Скопје, Иван Беќковиќ, супервизор за Македонија, беше претставена и актуелната винилна програма на оваа издавачка куќа – винилите од „Нови вал“, „Индекси – Модра ријека…Синоќа во Кинотека на првиот ден од дводневната програма, беше македонската премиера на филмот „Нов бран – 40 години подоцна“ („Novi val – 40 godina nakon“). (Л.С.)