Заев: Немаме надворешни проблеми и кочници, голем дел од работите зависат од нас


ЕУ треба да расчисти дека земјава нема интенција да стане членка во јуни или во јули, туку дека сака да ги почне преговорите. Тоа ќе биде дополнителна мотивација и стимул да работиме уште повеќе, похрабро, подобро и поуспешно, рече премиерот Зоран Заев во синоќешното Отворено студио на МРТ.

Според него, ако ЕУ не испорача датум за почеток на преговорите, ќе ги демотивира и другите земји, а може да поттикне и повторно враќање на националистичките структури што навистина не ни е потребно. Европа има одговорност, треба да се постави сериозно кон оние што исто така постапиле,

Заев, заедно со министрите за труд и социјална политика, за здравство и за информатичко општество и администрација, Мила Царовска, Венко Филипче и Дамјан Манчевски, зборуваше за владините политики во овие сфери. Изрази задоволство од сработеното досега, најавувајќи уште поинтензивни реформи.

-На вистинскиот пат сме. Немаме надворешни проблеми и кочници, голем дел од работите зависат од нас, посебно од институциите во и надвор од извршната власт. Овој период е драгоцен и не треба да го испуштиме. Во вакви околности, на резултатите што ги постигнавме, треба да сме дополнително мотивирани да поитаме кон реализирање на целта – модерно општество со одговорно судство и администрација, добри плати и висок стандард, потенцира Заев.

Во врска со забелешките дека администрацијата е преобемна, премиерот рече дека од човечки аспект, никој не е подготвен, ниту сака да ги отпушти луѓето без претходно да им обезбеди иднина. Во однос, пак, на вработувањето деца на функционери не смее да има забелешки ако постапката е регуларна. И ним треба да им се овозможи еднаква можност некаде да конкрурираат и да се вработат, но процесот и целата постапка мора да бидат транспарентни, јавноста да знае дека ги исполнуваат потребните критериуми и се соодветното работно место. Не смее, дополни, тие да бидат третирани како да се од „втор ред“.

Здравството, како што истакна Филипче, покрај предвидените реформи и зголемувањето на платите на лекарите, е фоксуирано на изградбата на новиот клинички центар, социјалата, според Царовска, има за цел граѓаните во социјален ризик да ги врати на пазарот на труд, а во делот на јавните и државните институции, нагласи Манчевски, јасно ќе се дефинираат ингеренциите за да нема преклопувања. Коментирајќи ја наводната превработеност, Манчевски укажа дека јавната администрација ќе се соочи со недостиг на кадар, посебно во делот на реформите и почетокот на преговорите.