Заев направил првичен план за кадровските смени


Фото: Б. Грданоски

Кадровските промени во извршната власт, според информациите, не е исклучено да почнат уште следната недела, со тоа што на седницата на Владата во вторник би биле разрешени неколку директори на институции под капа на државата.
Сепак, како што се најавува, очекуваната реконструкција ќе биде подолготраен и етапен процес, кој ќе се спроведува на повеќе нивоа. Динамиката на процесот, пак, зависи и од тоа кога ќе се одржи конгресот на СДСМ за анализа на изборните резултати, како и од фокусираноста на Владата во овој момент на прашања што се поврзани со евроинтеграциите, во очекување на европскиот самит по 20 јуни, кога треба да се донесе одлука дали земјава ќе ги почне преговорите со Унијата.
Според владини извори, премиерот Зоран Заев има првични согледувања за тоа кои функционери би требало да бидат сменети или евентуално ротирани на други позиции. Сепак, се очекува да бидат направени дополнителни анализи околу ефикасноста на одредени институции или сектори во изминатиот период. Со оглед на тоа што Заев најави промени и во партиските тела, ќе се мери и учинокот на одредени функционери во внатрепартиското работење, нивната активност во базата и посебно вклученоста и остварените резултати за време на кампањата за претседателските избори.
Градоначалникот на Скопје и потпретседател на СДСМ Петре Шилегов, изјави вчера дека по инаугурацијата на Стево Пендаровски – в недела, ќе се направат анализи и ќе се донесат одлуки за кадровските промени што треба да се изведат.
„Ќе седнеме во периодот што следува, да помине инаугурацијата на новоизбраниот претседател и формално да бидат завршени изборите, ќе ги направиме сите потребни анализи, а потоа ќе бидат донесени сите соодветни политички одлуки“, изјави Шилегов.
Заев, преку соопштение од својот кабинет, најави дека зема четиридневен одмор, почнувајќи од вчера, па до вторник, кога треба да се одржи редовна седница на Владата. Следната седмица се очекува и средба на Заев со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за анализа на изборните резултати по заедничкиот настап во претседателската трка, но и за најавените кадровски промени во извршната власт.
Во изминатиот период, министрите на ДУИ даваат најголем отпор во однос на планираната реконструкција, за разлика од СДСМ, во чие раководство уште пред изборите се разговарало за смена на функционери по завршувањето на претседателските избори. Разликата е во тоа што по пораката испратена до власта за време на првиот круг гласање, сега се очекува проветрувањето да биде подлабинско и со поширок опфат.
Министерот за животна средина, Садула Дураки, кој ем се споменува како еден од можните за реконструкција, ем се најавува негова можна ротација во новото Министерство за политички систем, вчера порача дека ДУИ, а не премиерот, одлучува за своите кадри.
„Ние како ДУИ сме коалициски партнер со СДСМ. Имаме наше раководство и лидер на партијата. Али Ахмети, заедно со Централното претседателство одлучува за сопствениот кадар. Никогаш ДУИ не дозволила некој да се меша во внатрешните работи на партијата, а коректно е и ние да не се мешаме во другите партии, изјави Дураки за ТВ 21.
Претходно, тој демантираше дека ќе премине во Министерството за политички систем, појаснувајќи дека за каква било промена – негова или на некој друг треба прво да се дискутира во партијата, а после и со коалициските партнери.
Со речиси идентична изјава околу реконструкцијата настапува и министерот за економија, Крешник Бектеши, оценувајќи дека за кадрите на ДУИ одлучуваат партијата и нејзиниот лидер Али Ахмети.
„Јас сум дел од ДУИ која е сериозна политичка партија која има свои органи и претседателство и лидер, кој ќе одлучи за своите кадри. За мене не е важно дали ќе бидам сменет или не, туку да се реализира програмата на ДУИ која е вклучена во владината програма, нагласи Бектеши, посочувајќи дека анализа на неговото работење може да прави матичната партија.
За предметот во Антикорупциската комисија, во однос на вработувањето на неговата сестра во ЕЛЕМ, Бектеши рече дека е веќе завршен и дека не е утврдено дека има непотизам и конфликт на интереси, туку само административна грешка што требало да се пријави како вработување. (А.М.М.)