Заев-Меркел: Северна Македонија и Договорот од Преспа се охрабрување за сите земји од Западен Балкан
Северна Македонија и Договорот од Преспа се позитивен пример на Балканот и тој успех е охрабрување за сите земји учеснички на Конференцијата за Западен Балкан, заеднички констатирале премиерот Зоран Заев и канцеларката на Сојузна Република Германија, Ангела Меркел на денешната средба одржана пред почетокот на Конференцијата за Западен Балкан во Берлин.
Како што соопшти владината прес – служба, придобивките од Договорот од Преспа за стабилноста, соработката и мирот во регионот биле главна тема на дискусијата на работниот состанок одржан непосредно пред почетокот на Конференцијата, на канцеларката Меркел со премиерот Заев кој ја предводи владината делегација во која се заменик претседателот на Владата за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров.
-Премиерот Заев и канцеларката Меркел ја истакнаа важноста на економските придобивки што ги носи билатералната соработка меѓу Северна Македонија и Грција и потенцираа дека ваквите соработки треба да се интензивираат низ целиот регион, се наведува во соопштението.
Премиерот Заев, се додава, на средбата нагласи дека соработката, пријателството и реформите што ги спроведува земјата се сериозни аргументи за позитивна одлука од страна на Европската Унија за почеток на преговорите во текот на летото, стои во соопштението.