Заедничко интервју на Рот и Димитров


Германското претседателство со ЕУ е во секојдневен близок контакт со Северна Македонија и Бугарија во потрага по решение за спорот кое би го отворило патот за почеток на пристапните преговори во декември годинава, вели за Ди Велт германскиот министер за Европа Михаел Рот. Тој и вицепремиерот Никола Димитров дадоа заедничко интервју за денешниот број на весникот Ди Велт во кое ги објаснуваат позициите на Берлин и Скопје и бараат поголема подготвеност на компромис од Софија.

Рот потенцира дека на состанокот на Советот на министри, „речиси сите делегации“ ставиле до знаење дека билатералните проблеми треба да се решаваат меѓу двете земји, уште еднаш, де-факто, отфрлајќи ја можноста тие да се внесат во Преговарачката рамка.

Тој вели дека мора да се расчисти кои прашања „се потребни“ за пристапните преговори, а останатите ги дефинира како „билатерални проблеми“, кои, според бугарската страна, произлегуваат од несоодветното спроведување на Договорот за пријателство. Германскиот министер смета дека билатералните проблеми треба да се решаваат  „чекор по чекор“ низ „структуриран процес”.

„Таквите пречки од минатото претставуваат многу чувствителни конфликти. За нив треба време и не може да се решат во рок од неколку недели. Бугарија и Северна Македонија основаа комисија на историчари. Такво нешто не се случува преку ноќ. Па со оглед на тоа, ова не би требало да го оневозможи почетокот на пристапните преговори и отворањето на меѓувладината конференција во декември“, вели Рот.