Каја Калас ги собра лидерите од регионот на средба во Њујорк


 

Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Каја Калас, вечра имаше средба со лидерите од шесте земји од Западен Балкан, на која присуствуваше премиерот Христијан Мицкоски. Според соопштението од Владата, на средбата биле разгледани актуелните регионални предизвици, можностите за понатамошно зајакнување на соработката и заедничките приоритети насочени кон стабилен и безбеден регион. Забележливо е дека на средбата не присуствувал спрспкиот претседател Александар Вучиќ, туку министерот за надворешни работи, Марко Ѓуриќ.

Од канцеларијата на Калас нема соопштение за што се разговарало, иако се подразбира за што била подготвена средбата, која беше најавена уште порано. Калас вчера објави дека се сретнала одвоено со Вучиќ и косовскиот премиер, Албин Курти и со нив разговарала за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина. Таа нагласува дека Охридскиот договор е обврзувачки за двете страни. И дека ЕУ „ќе продолжи да биде непристрасен арбитер“.

Прес-службата на Владата соопшти дека Мицкоски се сретнал со претседателот на Финска, Александар Стуб, на панелот кој Финецот го организираше. Тие разговарале за за значењето на мирот, дијалогот и одговорното лидерство, како и за почитувањето на меѓународното право и зајакнувањето на мултилатералната соработка.

Мицкоски се сретнал и со Курти и со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ. Со Пленковиќ се разговарало за европската перспектива на Македонија.