Зачестија средбите на Вјоса Османи со бугарските функционери


Косовските аспирации за членство во НАТО и поддршката за Косово од страна на Бугарија биле темите на средбата на претседателката на Косово, Вјоса Османи со бугарскиот премиер, Димитар Главчев на маргините на Самитот на НАТО во Вашингтон.

Како што соопшти косовското Претседателство, Османи на средбата со Главчев истакнала дека Бугарија е непоколеблив поддржувач на Косово во нејзините напори за зачленување во меѓународните организации.

-Во овој контекст се разговараше и за аспирациите на Косово за членство во НАТО и за континуираната поддршка од нашите бугарски партнери, се вели во соопштението.

Според Османи, „меѓу двете држави постои силно партнерство и заедничка посветеност на регионалната стабилност и безбедност“.

Средбите на косовските со бугарските функционери на највисоко ниво зачестија изминатите месеци, а во заднината пред се се обидите на Софија и таму да инсталира Бугари. Така на средбата на Вјоса Османи во декември лани со претседателот Румен Радевразговарале и за можноста Бугарите во Косово да се признаат како заедница. Радев рекол дека скоро 15 илјади луѓе имаат бугарска самосвест, а во јануари годинава била поднесена петиција до Парламентот на Косово со барање тие да бидат признати како независна заедница.Претходно во Косово беше и потпретседателката Илијана Јотова. Целта на Бугарија е бугарската заедница во Косово да добие официјален статус на заедница, што дава дополнителни можности и  учество во Консултативниот совет за националните малцинства.