Забележан континуиран пораст на деца жртви на трговија со луѓе, велат од МВР


Tрговијата со луѓе не е само кривично дело со елементи на организиран криминал, туку многу повеќе – модерно ропство. Жртвите на трговија со луѓе не се безимени лица, тие се меѓу нас, во нашето непосредно опкружување, често пати очајнички бараат некој да ги спаси од ропството, вели меѓу другото во интервју за МИА, државниот секретар во МВР и национален координатор на Националната комисија за борба против трговија со луѓе и криумчарење мигранти,  Магдалена Несторовска.

Последниве години се поголем е бројот на домашни жртви на трговија со луѓе, кои се главно сексуално експлоатирани, а идентификувани се и присилни бракови со малолетни лица и трудова експлоатација, подвлекува таа. Потенцира дека особено загрижува и што ја алармира потребата од енергична акција на сите нас е континуираниот пораст на деца-жртви на трговија со луѓе.

Во текот на минатата година со правосилни казни затвор во висина од 1 до 13 години се осудени 50 лица за кривични дела поврзани со трговија со луѓе и илегална миграција. Оваа година откриените случаи на криумчарење мигранти се во пораст за 54,4 проценти при што досега се откриени 88 случаи, при обид да бидат прокриумчарени вкупно 2.700 мигранти.

Во интервјуто Несторовска говори и за опасноста од онлајн обиди за тргување со луѓе, за тоа колку мигрантската криза влијае на зголемување на бројот на лица жртви на трговија, за мерките кои се преземаат во борбата против оваа појава и превенцијата, за тоа што се се прави за рехабилитација на овие лица, кој може да работи со нив во процесот на рехабилитација, за оценките од меѓународниот фактор за тоа како нашата држава се справува во борбата против трговијата со луѓе. Во продолжение следува целото интервју со Несторовска.

Што значи трговијата со луѓе, како една од најпрофитабилните криминални активности. Кои се облици се познати ?

– Tрговијата со луѓе не е само кривично дело со елементи на организиран криминал, туку многу повеќе – флагрантно кршење на основните човекови слободи и права, повреда на човечкото достоинство и интегритет или со други зборови кажано- модерно ропство. Ропство, кое за жал не заврши во 19-от век, туку само ја смени својата форма во трговија со луѓе. Жртвите на трговија со луѓе не се безимени лица, тие се меѓу нас, во нашето непосредно опкружување, често пати очајнички бараат некој да ги спаси од ропството. И токму затоа, сите ние имаме и морална и законска обврска да им помогнеме, да ги заштитиме и да не ги затвараме очите пред суровата реалност. Во овој контекст го гледам и значењето на одбележувањето на Европскиот ден за борба против трговија со луѓе: да ја подигнеме свесноста за ризикот од трговија со луѓе, но истовремено да упатиме порака до секој граѓанин дека сите ние сме дел од широкиот фронт за борба против трговија со луѓе, во секој од нас лежи одговорноста секогаш да пријави сомневање за трговија со луѓе.

Сиромаштијата, невработеноста, семејно насилството се неколку од главните причини кои луѓето ги прават ранливи на трговија со луѓе. Неспорна е констатацијата дека последниве години се поголем е бројот на домашни жртви на трговија со луѓе, кои се главно сексуално експлоатирани, а идентификувани се и присилни бракови со малолетни лица и трудова експлоатација. Меѓутоа, факт што особено загрижува и што ја алармира потребата од енергична акција на сите нас е континуираниот пораст на деца-жртви на трговија со луѓе.

Се согласувам со вас, а тоа исто така го потврдуваат и нашите анализи и извештаи дека, трговијата со луѓе е еден од најпрофитабилните бизниси, често поврзана со криумчарење на мигранти, трговија со дрога. Единствено со одземање на главниот мотив поради кои трговците влегуваат во овој бизнис, а тоа се парите, можеме да креираме ефикасен одговор на овој криминал. За таа цел, надежните институции во сетот на мерки за борба против трговијата со луѓе ги вклучуваат и финаниските истраги кои овозможуваат идетификување и пронаоѓање на незаконски стекнатиот имот.

Дали онлајн врбување односно опасноста од тргување е нов софистициран облик на тргување со луѓе?

– Секако. Онлајн начинот на врбување на потенцијални жртви на трговија со луѓе не е новост имајќи предвид дека младите меѓусебната комуникација најчесто ја остваруваат користејќи интернет, односно социјални мрежи и апликации за „паметни“ телефони, кои и најчесто се злоупотребуваат од страна на криминалците, при што истите користат лажни профили и фотографии од други лица со цел намамување и привлекување на потенцијалната жртва.

Овој тренд е засилен со појавата на пандемијата на КОВИД-19 пандемијата, а особено во периодот кога беше на сила ограничувањето на слободата на движење, односно кога во нашата земја беше прогласена вонредна состојба.

Како Националната Комисија работи за справување односно превенција со оваа појава?

– Националната Комисија за борба против трговија со луѓе во континиутет превзема мерки кои се функција на подобрување на идентификацијата на жртвите на трговија со луѓе, обезбедување на нивна помош и заштита, како и поефикасно откривање на сторителите на трговијата со луѓе и нивното изнесување пред лицето на правдата. Формирана е уште во 2001 година со цел да постигне повисоко ниво на ефикасност и заедничко дејствување на сите институции вклучени во борбата против трговијата со луѓе. Нејзина задача е да ја следи и анализира состојбата со трговијата со луѓе и илегалната миграција, да ги координира активностите на надлежните институции и да соработува со меѓународни и невладини организации кои се вклучени во решавањето на проблеми од оваа област. Во рамки на Комисијата функционира извршно тело Секретаријат, во кој состав членуваат претставници од меѓународни организации, здруженија на граѓани, амбасади и експерти од владини институции. Реализиравме голем број успешни проекти како резултат на партнерскиот однос со меѓународните организации. Сите наши напори имаат своја основаност доколку се спаси барем еден човечки живот.

Колку мигрантската криза влијае за зголемување на опасноста од трговијата со луѓе?

– Гледано од денешен аспект, мигранската криза имаше своја еволуција, се менуваше динамиката на протокот на мигранти, но се менуваше и modusot operandi кои го користеа криминалците злоупотребувајќи ја немоќта и очајот на милиони луѓе кои беа принудени да ги напуштат своите домови пред налетот на војната или сиромаштијата. Искреното, одржливото партнерство што го изградивме со меѓународните организации, невладиниот сектор беше клучен моментум кој помогна да превенираме било каква несакана ескалација, но и да заштитиме голем број мигранти. Успеавме пред лицето на правдата да изведеме голем број на криминалци, но и да дадеме помош, подршка на жртвите на трговија со луѓе.

Впрочем, тоа го потврдува и статистиката. Во текот на минатата година со правосилни казни затвор во висина од 1 до 13 години се осудени 50 лица за кривични дела поврзани со трговија со луѓе и илегална миграција. Оваа година откриените случаи на криумчарење мигранти се во пораст за 54,4% при што досега се откриени 88 случаи, при обид да бидат прокриумчарени вкупно 2.700 мигранти. Што се однесува до структурата на мигрантите, и оваа година најбројни се државјаните на Авганистан, Пакистан ,Бангладеш и Сирија. Меѓу илегалните мигрантите во текот на изминатата година идентификувани се 14 потенцијални жртви на трговија со луѓе. Но реалноста е дека тие имаат само една цел: да стигнат побрзо до крајната дестинација во ЕУ земјите и често не се ни свесни за својата ранливост и вклученост во ланецот на трговија со луге. Во овој процес за надлежните институции, особено за МВР, беа особено корисни Индикаторите за првична/прелиминарна идентификација на претпоставените и потенцијални жртви на трговија во контекст на мешаните миграциски движења кои беа изготвени под покровителство на НК .

Дали децата се најзагрозени со мигрантската криза во однос на трговијата со луѓе?

– Во првите години од мигранската криза (2011-2013) во најголем процент мигрантите беа повозрасни машки членови на семејствата, кои беа со намера да се етаблираат во земјите на дестинација и обезбедат парични средства и услови за доведување на останатите членови на семејствата, браќа, сестри, сопруги и деца.

Овој тренд се промени во 2014/2015 година каде беше евидентен тренд на пораст на бројот на мигрантите на млада возраст до 35 години, пораст на бројот на жени, деца а особено категоријата на непридружувани деца кои од различни причини останала без придужба на родители, законски старател или роднина придружник. Оваа категорија лица преставува особено ранлива категорија по основ на различни видови на експлоатација и злоупотреби, а особено за сексуалната злоупотреба.

Во фокусот на нашето делување беше да се обезбеди најдобриот интерес на детото, кој во основа ја наметна потребата од мултидисциплинарен и меѓуресорски пристап. За таа цел ги донесовме стандардните процедури за постапување со непридружувани деца странци, која ги дефинира сите мерки кои треба да ги превземат надлежните институции за да се заштитат непридружуваните малолетници.

Според истражувањата и информациите на Комисијата, дали РС Македонија е Земја на транзит или има случаи, кога е крајна дестинација? За кои случаи најчесто е крајна дестинација?

-Република Северна Македонија пред сѐ е земја на транзит на трговија со луѓе. Ова се должи на геостратешката положба што ја има Република Северна Македонија на Балканскиот полуостров, низ чија територија минува еден од главните канали за криумчарење на мигранти, на жртви на трговија со луѓе, криумчарење на разна акцизна стока, дрога и оружје, што е во тесна корелација и со постоењето на бројни организирани криминални групи во Регионот, кои се од меѓународен карактер, а кои во еден дел извршуваат криминални активности и на територијата на Република Северна Македонија.

Во помал/незначителен број Република Северна Македонија е земја и на крајна дестинација, при што потенцијалните жртви, кои се најчесто млади женски лица од соседните држави, трудово и сексуално се експлоатираат во угостителски објекти лоцирани во западниот дел од државата, или преку присилни бракови на деца, со лица од источниот дел на државата.

Ќе може ли да ни посочите последните статистички податоци, компаративно со претходните години за РС Македонија, но и доколку имате за регионот? 

– Минатата година (2019) беа идентификувани 6 женски жртви од кои 3 (три) странски дражавјанки (4 деца и 2 полнолетни) жртви на трговија со луѓе (ЖТЛ). Оваа година (2020) пред сѐ заради Пандемијата со КОВИД 19 и вонредните мерки донесени од Владите во Регионот во еден дел насочени кон затворање на државните граници – не се идентификувани странски државјани жртви на трговија со луѓе, единствено идентификувани се четири домашни женски деца жртви на трговија со луѓе.

Како пример за соработка со соседна земја, би го споменала случајот со косовската државјанка, полнолетно лице, со пречки во развој, која беше сексуално експлоатирана од лица државјани на Р.С.Македонија, а потоа продадена и принудена на присилен брак во источниот дел од Р.С.Македонија. Истата беше идентификувана, заштитетна и згрижена во Центар за заштита на жртви на трговија со луѓе и сексуално насилство, по што се известени надлежните служби на нејзината матична земја. Подоцна таа беше вратена во својата матична држава, но по добиен позитивен одговор за безбедносна проценка на ризик за нејзино доброволно враќање.

Каква е соработката на Националната Комисија со државните надлежни институции, НВО и секако со регионалните Комисии од земјите соседи и пошироко кои работат со трговија со луѓе? 

– Во Националната комисија членуваат преставници од Министерството за внатрешни работи, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за надворешни работи, Министерство за здравство, Министерство за образование, Трудовиот инспекторат, Јавен обвинител, Судија, Агенција за вработување кои заедно со Секретаријатот имаат изготвено четири годишен Акциски план за имплементирање на Стратегијата за борба против трговија со луѓе и илегална миграција. Во него се содржани сите заеднички активности кои треба да се остварат во насока на надминување на трговијата со луѓе и помош на веќе засегнатите лица.

Покрај ваквата поставеност, врз основа на иницијатива на НК во 2018 година формирана е Националната единица за сузбивање криумчарење мигранти и трговија со луѓе. Единицата е раководена од страна на Јавен обвинител од Основното Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција а во неа членуваат претставници од Министерството за внатрешни работи. Од нејзиното формирање постигнат е напредок во борбата со трговијата со луѓе, које е препознаен од странските партнери и Европската Унија.

Исто така, потпишан е и Меморандум за разбирање меѓу Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика врз основа на кој се формирани 5 мобилни тимови за идентификација на ранливите категории лица, меѓу кои спаѓаат и жртвите на трговијата со луѓе.

Во својата трка за поголем профит, криминалците се обединети, непознавајки граници, националности, вери. Нивниот модус операнди само ја потврдува нашата свесност дека е потребен координиран одговор за борба против трговија со луѓе на меѓународен план. Од тие причини, во изминатата година Националната Комисија иницираше и последователно се потпишаа договор за соработка со оваа област со Бугарија, Црна Гора, Косово и Србија, а започнати се преговори и со Грција. Соработката со земјите од регионот, но и со целата меѓународна заедница е клучен фактор во справувањето со оваа проблематика од големи размери.

Колкава е разликата помеѓу потенцијалните жртви и идентификуваните жртви на трговија со луѓе ? Како тие можат да се препознаат ?

– Лицата кои се потенцијални или веќе биле жртви на трговија со луѓе се многу ранливи и честопати стравуваат да зборуваат на оваа тема. Потребен е посебен пристап со кој на овие лица ќе им се даде до знаење дека од сега па натаму ќе има кој да се грижи за нив и повторно да се интегрираат во нормалното општество и нормалниот тек на живеење. Службените лица кои имаат контакт со нив имаат поминато низа обуки и предавања како да препознаат некаков облик на трговија со луѓе.

Морам да нагласам дека не секоја потенцијална жртва е жртва на трговија со луѓе. Тоа се лица за кое постојат индиции дека се жртви на трговија со луѓе, но, кои формално не се идентификувани од страна на надлежните органи или кои одбиле да бидат формално идентификувани. Кај потенцијалните жртви на трговија со луѓе најчесто недостасува елементот на присилба или нема доволен број на докази да бидат формално идентификувана. Во основа потенцијалните жртви на трговија со луѓе ги имаат истите права како и жртвите на трговија со луѓе.

Токму затоа, со цел рано препознавање на лицата кои се потенцијални жртви на трговија со луѓе, Националната комисија има усвоено Индикатори за идентификација на жртви од трговијата со луѓе. Индикаторите се делат на директни и индиректни, додека пак директните се општи и специфични. Сетот на индикатори го користат и служи како практичен водич на службените лица и претставници на организациите кои остваруваат контакт со потенцијални или жртви на трговија со луѓе.

Има ли случаи кои се сега на рехабилитација или веќе се рехабилитирале по преживеани обиди или случаи на трговија со луѓе? Постојат ли и кои се такви Центри за рехабилитација во РС Македонија?

Во Република Северна Македонија има специјализиран Центар за жртви од трговија со луѓе и сексуално насилство кој е под капата на Министерството за труд и социјална политика, а во него обезбедуваат услуги Здружението на граѓани Отворена Порта. Жртвите на трговија со луѓе имаат достапни опции за реинтеграција, како и широк спектар на услуги за социјална интеграција психолошко советување, едукација, правно советување и поддршка, стручни обуки, курсеви, здравствена поддршка, поддршка за обединување со семејството, итн.

Какви се правата на лицата кои биле жртви на трговија?

– Во насока на обезбедување на права на лицата жртви на трговија со луѓе, изготвени се Стандардни оперативни процедури за постапување со жртви на трговија со луѓе во кои се уредени постапките, процедурите и начините на обезбедување помош и заштита на сите жртви на трговија со луѓе. Меѓутоа во секој конкретен случај програмите за помош и заштита се прилагодуваат согласно индивидуални потреби на жртвата. За секоја посебна жртва на трговија со луѓе се креира посебен план за помош.

Со цел да се избегне можното повторно влијание на жртвата од страна на сторителите на кривичното дело, на жртвата и се понудува период на одлучување односно рефлексија, период во кој истата треба да одлучи дали ќе соработува со надлежните органи.

Во овој период, жртвата има право на соодветно сместување, медицинска, психо-социјална помош, материјална помош, превод на јазик кој го разбира, правни совети, право на образование, соодветни судски и административни постапки, како и право на азил, можност и постапка за враќање во земјата чиј државјанин е.

Во процесот на ресоцијализација на жртвата и се обезбедува безбедно сместување-домување, психолошко советување, здравствена заштита и правна помош.

Во процесот на реинтеграција на жртвата и се обезбедува безбедно враќање во семејството или други алтернативни форми, социјална и детска заштита, образование и помош при вработување.

Би сакала да упатам огромна благодарност до меѓународните организации кои преку донации обезбедуваат средства за директна помош на ЖТЛ, како на пример Фондот на ИОМ кој нуди психолошка и медицинска помош, обезбедување храна и друг вид помош за жртвите, пристап до ресоцијализација и реинтеграција како и доброволно враќање на странските државјани во нивните земји. Мобилните тимови го користат овој фонд за потребите на идентификуваните жртви, нивна заштита и реинтеграција како и за потенцијални жртви на трговија со луѓе.

Какви нови предлози да очекуваме во насока на зајакнување на борба со трговијата со луѓе? Каде се наоѓа РС Македонија на едно скалило во борбата против трговијата со луѓе во споредба со другите земји на Балканот?

– Следен предизвик пред кој сме исправени е донесување на Законот за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела во кои спаѓаат и жртвите на трговијата со луѓе. На овој начин, сакаме да им овозможиме на жртвите побрза и поефикасна интеграција со општеството.

Освен тоа, работиме на донесување на нова Стратегија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција која ќе ги дефинира приоритетите за наредните 4 години.

Како го оценува меѓународниот фактор, ангажманот на државата во борбата против трговијата со луѓе?

– Државата е посветена на успешно спроведување на меѓународните стандарди во оваа област, како што се препораките на Советот на Европа во ГРЕТА извештаите за спроведување на Конвенцијата на Советот на Европа за акцијата против трговија со луѓе и извештаите за трговија со луѓе на Стејт департментот на САД. Поставеноста на координативните структури (Национална комисија за борба против ТЛ и илегална миграција, нејзиниот Секретаријат, Канцеларијата на Националниот механизам за упатување- НМУ, како и нововоспоставената Канцеларија на Националниот известувач во рамките на Народниот правобранител) е оценета од релевантните чинители со најголеми оценки, заедно со меѓународната соработка, како и активноста за подигнување на јавната свест за феноменот на ТЛ и ИМ. Позитивните се и резултати во областа на идентификација и упатувањето на жртвите,особено по формирањето на мобилните тимови и Националната единица Task Force, што функционираат исклучиво за сузбивање на овој вид на криминал.