За пријателството и за предавството: Неле Карајлиќ со онлајн промоција на „Солунска 28“ (2)


Приказната за една куќа и едно семејство во суштина е и слика на моето семејство. Но, она што мене најмногу ме интересираше е токму периодот кој е опфатен во овој, втор дел од „Солунска 28“, а тоа е времето на германската окупација. Како и во сите историски периоди без разлика колку се тешки, човек мора да живее. Едноставно, најмногу ме прогонуваше прашањето како човековата душа и психа функционираат во такви околности ‒ објасни познатиот музичар и писател д-р Неле Карајлиќ на вчерашната онлајн промоција на вториот дел од романот „Солунска 28“ со поднаслов „За пријателството и за предавството“.

Македонскиот превод на второто, како и на првото продолжение, е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина ‒ публикации“. Приказната е замислена како трилогија со фокус на различните генерации од едно семејство кое живее на „Солунска 28“ во Белград, а целата сага почнува уште на крајот на 19 век.

Онлајн промоцијата која се одвиваше на фејсбук-страницата „Литература.мк“ ја водеше уредничката од издавачката куќа „Арс Ламина“, Татјана Димовска-Атанасова која истакна дека секој од ликовите во првиот и во вториот дел се луѓе од крв и месо кои копнеат по нешто.

‒ Желбите, стремежите и аспирациите се извор на секој проблем, но во исто време сè е извор на живот. Без потрагата, животот е сведен на преживување – истакна Карајлиќ за мотивите кои ги водат неговите протагонисти.

Двата дела на „Солунска 28“ влегуваат во жанрот историска фикција и авторот посочува дека во текот на пишувањето на делата многу истражувал за тие временски периоди со цел да ги направи романите интересни за читателот. Првиот дел почнува на крајот на 19 век и трае сè до Првата светска војна, а дејството во вториот дел е сместено во Втората светска војна.

‒ Во моите романи и во мојот поглед на светот не постои тоа што е црно и тоа што е бело, што е лошо или добро. Објективно, тоа го нема и во реалниот живот. А тој контраст најмногу ме интересираше – посочува Карајлиќ и додава дека сите случувања во деведесеттите и потоа го направиле поискусен и книгите ги напишал „копајќи“ по сопствената душа. Тој вели дека приказната е резултат и на страни кои постојат во него и дека се доживува себеси и како ангел и како ѓавол, како лош и како добар, но како и секој човек има комплексен дух и се обидува да најде оправдание и за двата дела во него.

Инспирацијата за вториот дел од „Солунска 28“ во голем дел лежи во песната „Лили Марлен“ што се емитувала на „Радио Белград“ во времето кога сестрата на неговата баба била спикерка таму. Имено, оваа нумера зборува за копнежот на еден германски војник по неговата љубена и „Радио Белград“, кое во времето на Втората светска војна било водено од Германците, почнале да ја емитуваат оваа песна која дотогаш не била позната. Мислејќи дека „Лили Марлен“ не го подигнува моралот кај германските војници, таа била тргната од програмата и тоа по директива на Гебелс, но војниците почнале да се бунтуваат. Песната била вратена на програмата, а години потоа е препеана од Марлен Дитрих и станува дел од колективното музичко сеќавање.

Како што посочи уредничката Димовска-Атанасова, во двата дела на „Солунска 28“ не постојат еднодимензионални ликови и секој од нив е комплексен и повеќеслоен. Дополнително, првиот дел од трилогијата веќе е добитник на престижната награда „Момо Капор“.

Доктор Неле Карајлиќ е роден во Сараево во 1962 година како Ненад Јанковиќ. Основач, композитор, текстописец и фронтмен е на групата „Забрањено пушење“, како и на „Но смокинг оркестра“; сценарист и глумец во „Топ листа надреалиста“ и писател на повеќе дела како „Фајронт во Сараево“ и двата дела на „Солунска 28“.