За овој балонер на кралицата Максима и во Милано се вртеа


Милано – По повод Неделата на дизајнот во Милано, изложбениот простор LAUFEN ја претставува изложбата „Како се осмелуваш“, еклектична фасцинантна инсталација поставена од миланското студио LYS за Fuorisalone 2023. Провокативниот наслов ја отсликува силата што фундаментално произлегува од експерименталното и игриво истражување од спојот на различни дисциплини како архитектура, дизајн и уметност.

А името на изложбата лесно би можело да се примени на модната комбинација што ја одбра храбрата и разиграна холандска кралица Максима, која е во посета на Милано по повод неделата на која се претставени најновите трендови во дизајнот на производите. Таа избра многу необичен и привлечен балонер кој повеќе го нема отколку што го има, со големи дупки врамени со златни прстени, од колекцијата на холандскиот дизајнер Клес Иверсен, познат по дизајнирањето на венчаници.

Така, кралицата, како што доликува, го промовира дизајнот на земјата од која потекнува, а под впечатливиот мантил носеше небесно син комплет со панталони во модерен трапез крој. Таа воодушеви со својот моден избор минатата недела кога беше домаќинка на првата дама на Франција, Брижит Макрон, која многумина ја сметаат за стилска икона. И додека првата дама на Франција избираше комбинации од попригушени нијанси како сината, кралицата си даде пауза со светли бои и го украде вниманието во црвени и жолти креации.