За колективен имунитет потребно е 80 отсто од луѓето да се вакцинирани
Потребно е 80 отсто од граѓаните да бидат вакцинирани за да се смета дека се постигнал колективен имунитет со кој полесно ќе се избориме со пандемијата од Ковид-19, а овој процент се однесува на новиот делта сој и тоа може да го постигнеме до октомври, ако вакцинацијата продолжи со сегашното темпо.
– Инсистираме на вакцинација, затоа што сега имаме инструмент. Видовме што се случи претходно, кога болниците беа преполни, а здравствениот систем беше преоптоварен. Затоа инсистираме на вакцинација, рече денеска при промоцијата на новата кампања за вакцинација, министерот за здравство Венко Филипче.
– Со ова темпо на вакцинација некаде до средината на октомври уште повеќе ќе порасне колективниот имунитет и може да стигнеме до милион граѓани кои ќе бидат имунизирани – рече Филипче.
Владата почнува со кампања со порака „Вакцинирај се“ чија цел ќе биде што поголем број граѓани да ја примат вакцината против Ковид-19.
Премиерот Зоран Заев ја промовираше кампањата под мотото „За моментите на среќа“, која има за цел да го сврти вниманието на граѓаните да бидат внимателни и да не подлегнуваат на неточни и непроверени вести.
– Масовната имунизација е во суштината на новите мерки. Ја лансираме кампањата за да ги видиме насмевките под маските и да почувствуваме топлите прегратки кои на сите ни недостигаат. За безгрижно детство во училишните клупи, рече Заев.
Тој испрати порака и до оние кои се противат на вакцините за заштита од Ковид-19 и кои веќе два пати протестираат против мерките на Владата и им порача дека „протестот е уставно загарантирано право, но исто такво право е и правото на здравје“.

Тој рече дека бројките покажуваат дека вакцините се безбедни и ефикасни и дека најголем број од смртните случаи и хоспитализациите се меѓу невакцинираните. Досега во земјава се аплицирани над еден милион вакцини.
Во училиштата над 65 отсто од вработените се вакцинирани, сличен процент е и во градинките. Во здравството пак, 100 проценти од оние кои работеа со Ковид-пациенти се имунизирани, а вкупната состојба е околу 75 отсто.
– Такашто во континуитет разговараме со МОН и МТСП, преку директорите на градинките и на училиштата да повикуваат да се вакцинираат нивните вработени со што вкупниот број би се зголемил – рече министерот Венко Филипче.
Во однос на вакциналниот имунитет и оној имунитет добиен од прележана болест, министерот за здравство, Филипче, порача дека подолготраен е тој што ќе се добие при вакцинација.
– Нема дилема дека антителата еден одреден период штитат. Но, суштината е дека имунитетот од вакцината е поефикасен. Граѓаните треба да се стекнат со подолготраен имунитет и да го заштитиме здравствениот систем. Препораките од нашиот комитет се должат на повеќе студии. Траен имунитет е вакциналниот имунитет. Убеден сум дека ќе го издржиме овој бран, ако треба ќе се организираме дополнително – истакна Филипче.(Б.Б.)