За Дмитриј Песков и украинските војници и храбрите цивили биле „нацисти“
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков денеска изрази „големо жалење“ за досегашните воени жртви на Русија за време на инвазијата на Украина и рече дека тие ги загубиле животите во „борбата со нацистите“.
„Изразуваме сочувство до нашите роднини и пријатели, до оние кои ги загубија своите сопрузи и деца. Се разбира, ова е голема трагедија за сите нас“, рече Песков. „Истовремено, сите се восхитуваме на херојството на војниците. Нивната храброст, се разбира, ќе остане во историјата како подвиг во борбата против нацистите и исполнувањето на оваа важна задача“.
Андреј Кортунов, поранешен поддржувач на рускиот претседател Владимир Путин и советник за надворешни работи во рускиот парламент, изјави за Би-Би-Си дека ситуацијата во Украина е трагедија и „дефинитивно нешто што требаше да се избегне“.
Тој смета дека ќе биде исклучително тешко да се постигне мировен договор и дека на Путин ќе му треба нешто што тој би можел да го прогласи, „а не може да прогласи пораз бидејќи тоа би било политички премногу ризично за него “. Кортунов сугерираше дека Ангела Меркел или кинескиот претседател Ши Џинпинг би можеле да бидат кандидати кои би можеле да најдат решение.
Во руските напади врз североисточниот украински регион Харков во последните 24 часа загинаа 34 цивили, а 285 од нив беа повредени, соопштија службите за итни случаи. „Непријателот продолжи да напаѓа населени места и цели населби со смртоносни бомби, гранати и проектили“, се вели во соопштението на Украинската државна служба за вонредни состојби.
Во меѓувреме, Кина го отфрли извештајот на западните разузнавачки служби кој укажува дека нејзините официјални лица побарале од Москва да почека до крајот на Зимските олимписки игри во Пекинг пред да ја нападне Украина.
Кинеското Министерство за надворешни работи во четвртокот ја нарече приказната „целосно лажна“ и обид за „пренасочување внимание“ и „обвинување“.
Си-Ен-Ен претходно објави дека извор запознаен со разузнавачките служби рече дека американските власти генерално го сметаат извештајот за веродостоен, но неговите детали се „отворени“ за толкување. Постоењето на извештајот прв го објави „Њујорк тајмс“.