За Демократскиот сојуз договорот со Бугарија е со фабричка грешка


Фото: Б. Грданоски

Демократскиот сојуз предупредува на процес, како што велат, на сечење на македонските корени преку Заедничката комисија за историски и образовни прашања, со што се отвора процес на бугаризација на Македонија.

-Работата на оваа комисија е рефлексија на решенијата содржани во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Република Македонија и Република Бугарија со кој се дефинира заедничка историја и формирање на Комисија за историски и образовни прашања.

Формулациите за заедничко чествување на Светите Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум и Цар Самоил и препораките за менување на учебниците во двете земји кои ги усогласила заедничката комисија, директно го менуваат историскиот наратив во полза на бугарската национална и етничка кауза во Македонија.

Демократскиот сојуз оценува дека е неприфатливо со административни комисии и решенија да се менува минатото, со интенција со релативизирање на историските факти да се негира и обезличува македонскиот идентитет. Ова е безуспешен обид на транспозиција на современата свест во далечното минато и погрешно сфаќање на историјата, формирана во периодот на комунизмот. Со оспорување на македонските просветители и револуционери кои се дел од кодот на секој Македонец, се негира македонскиот идентитет, неговите корени и иднината. Да потсетиме, тој што нема историја, нема иднина, а токму тоа сега се прави.

Ги повикуваме историчарите од Македонија, од регионот и од Европа и сите прогресивни луѓе, да застанат зад историските факти во одбрана на македонскиот народ и неговиот идентитет, историја, култура и јазик. Договорот е со фабричка грешка, бидејќи поаѓа од наводна заедничка историја која ги поврзува двете држави и нивните народи, но Бугарија под таа формулација подразбира „бугарска историја“.

Како држава, треба да ги процениме сите ризици од прифаќање на решенијата на Комисијата за историски и образовни прашања, како и од продолжување на нејзината работа, особено што овие обврски се дел од Протоколот потпишан од министрите за надворешни работи на двете земји и истовремено се составен дел на Преговарачката рамка за нашето пристапување кон ЕУ, кои Бугарија може да ги користи за уцени и блокирање на евроинтеграциските прооцеси на Македонија. Дополнително, ваквите решенија не водат кон нормализирање и унапредување на соработката меѓу двата народа и двете држави, што е наш заеднички интерес. Напротив, тие ќе ја продлабочат недовербата во целиот процес и ќе отворат многу други болни прашања на внатрешен план.

Инаку само носители на политички и државни функции, без национална свест и интегритет, како и со лукративни цели, можат да не водат сметка за македонските национални и државни интереси, порачуваат од Демократскиот сојуз.

Реагираа и од ВМРО – Народна на Љубчо Георгиевски, кои го поздравија решението на историчарите.

„Усвоените препораки за учебниците во основното образование се на база на реципроцитет и ќе бидат доставени и до македонската и до бугарската влада. Препораките се усвоени од стручна и независна комисија, без какви било политички влијанија и тие воопшто не ги допираат идентитетските прашања“, рече Даниела Николова – пратеник на СДСМ.

„Во заедничкиот договор се изнесени многу добро познати факти за целата светска и балканска византологија и медиевистика, а оние кои гласно се чудат треба да се запрашаат, не за фактите, туку за тоа што некој ги манипулирал и ги учел со лажни податоци. Прашањето е дали некој сака да се соочи со фактите или да живее во лаги“, велат од ВМРО-НП.

Опозициските партии од македонскиот блок претходно обвинија дека власта врши национално предавство. Според ВМРО-ДПМНЕ, власта се откажала од сè што е македонско, прифаќајќи дека цар Самоил бил бугарски цар. Од Левица пак, обвинија дека Мешовитата историска комисија е – како што велат, продолжена рака на владејачкиот режим.

Инаку, меѓу договореното е и тоа дека царството на Цар Самоил, според поголемиот дел од современата историска наука, било бугарско, а се наоѓало на територијата на Македонија. Скопје во учебниците треба да смени некои карти од античкиот период, додека бугарските институции би требало да поправат некои лекции каде што пишува за бугарските земји.