Вучиќ побарал од Додик Србите да се вратат во институциите на Босна и Херцеговина

Лидерот на босанските Срби изјави дека ја разбирал загриженоста на српскиот претседател за БиХ


Александар Вучиќ и Милорад Додик се сретнале денеска во Белград

 

Членот на Претседателството на Босна и Херцеговина Милорад Додик вечерва изјави дека политичките актери во Република Српска ќе разговараат за барањето на српскиот претседател Александар Вучиќ за враќање на српските претставници во институциите на БиХ.

Додик, лидерот на најголемата партија во Република Српска, Сојуз на независни социјалдемократи, изјави за РТС дека одлуката за враќање на српските претставници во државните институции на БиХ е на парламентот на ентитетот, кој ќе се состане на почетокот на февруари, пренесува Бета.

„Загриженоста што ја покажа претседателот Вучиќ е важна за нас и го разбираме контекстот во кој беше кажано. Во Бања Лука ќе разговарам со партнери од власта и опозицијата. Вучиќ, исто така, изрази желба да се види и да разговара со други актери во Република Српска. Тоа ќе биде во наредните денови“, изјави Додик, кој во Белград се сретна со претседателот на Србија.

Кабинетот на претседателот на Србија по средбата соопшти дека Вучиќ побарал од Додик и од сите политички сили во Република Српска да учествуваат во работата на заедничките институции на БиХ и на најдобар начин да ги заштитат интересите на српскиот народ и на Република Српска. .

Додик рече и дека БиХ е „голема неволја и ретроградна идеја“ и повтори дека раководството на Република Српска сака само да се почитува Уставот на БиХ, односно Дејтонскиот договор со кој заврши војната во 1995 година.

„Клучното прашање е како Србите не можат да го добијат она што ние веќе го добивме и што пишува во Дејтонскиот договор. Прецизно е напишано дека БиХ припаѓа само на она што и е експлицитно дадено на БиХ, а тоа што не е експлицитно дадено им припаѓа на ентитетите. Она што ни е дадено сега се сквернави преку одлуки за шуми и земјиште и многу други работи“, рече тој.

Тој изјави дека „не чувствува одговорност“ што пропуштил дел од помошта на Европската унија за БиХ, наведувајќи дека „целата помош што доаѓа од ЕУ е секогаш условена и политички мотивирана“.

„Не сме ние тие што го запираат, но сметаме дека е клучно БиХ да се врати на уставниот систем и да го елиминира парауставниот систем што сега постои. Ние само бараме сѐ да биде во согласност со Уставот на БиХ, но сѐ почесто слушаме од странците дека треба да се спроведуваат политики кои одат кон централизација. Немаме право да постапуваме спротивно на Уставот на БиХ“, додаде тој.