Вучиќ: Доста се однесувавме како колонии


Заедничка порака на Заев, Вучиќ и Рама е дека минатото не може да ја диктира економијата и дека со оваа регионална иницијатива, која денес ќе добие ново име, ќе ги земат работите во свои раце и ќе го подобрат животот на граѓаните

 

Доста се однесувавме како колонии чекајќи некој да нѐ води, одамна требаше да излеземе од овој однос – порача денес на Економскиот форум што се одржува во Скопје српскиот претседател Александар Вучиќ. Тој, премиерот на Албанија, Еди Рама и домаќинот, премиерот Зоран Заев, најавија дека на 1 јануари 2023 година регионот ќе функционира како Европската унија, т.е. според четирите слободи што би ги имале ако сме дел од неа – со граници но без формално застанување, односно со слободно движење на стоките, со слободно движење на услугите, со слободно движење на капиталот и со слободно движење на граѓаните.

Заедничка порака на тројцата лидери беше дека минатото не може да ја диктира економијата и дека со оваа регионална иницијатива, која денес ќе добие ново име, ќе ги земат работите во свои раце и ќе го подобрат животот на граѓаните, вклучувајќи го и регионалниот БДП кој сега е помал од тој на Словачка, а како што веруваше српскиот лидер – брзо може да ја стигнеме, па и престигнеме. 

„Поврзани сме попривлечни, посилни и поконкурентни“, порача премиерот Заев упатувајќи порака до ЕУ дека не можеме да ја чекаме да ги реши сите свои нерешени проблеми и да ги исполни очекувањата и ветувањата кон трите земји.

Ваквите пораки тие ги упатија кон околу 300 бизнисмени дојдени од трите земји во Скопје, со најава дека очекуваат уште повеќе во ноември, на следниот економски форум во Белград.

„Ова не е ни голема ни мала Југославија, туку формализиран регион што ќе функционира и живее според принципите и стандардите на Европската унија“, порача Рама запрашувајќи ги владите на Црна Гора, на БиХ и на Косово што чекаат и како мислат да ги решат економските проблеми на своите граѓани затворени во своите граници.

Заев се осврна и на неисполнетите ветувања на ЕУ да ги почне преговорите со Скопје и Тирана, да даде визна либерализација на Косово и да ја забрза евроинтеграцијата на Србија. Притоа тој рече дека тоа е „против европската идеја, против интересите на самата ЕУ и спротивна на определбата за членство во Европската унија на овие две земји кои ги исполнија сите критериуми за тоа“.

Но,  и тој како и другите двајца лидери нагласи дека „ние не можеме да чекаме сите внатрешни проблеми на Европската унија да се решат за да одиме напред. Ние сме тука и тогаш кога Европската унија ќе биде подготвена, ние сме тука – веќе подготвени, со веќе обезбедени олеснувања за нашите граѓани и со веќе развиени економски иницијативи“.

Поглед кон иднината

Во еден специфичен отклон од вообичаената реторика, Заев рече дека „денеска не сум тука за да говорам за Европската унија. Тука сум за да говорам за нашите граѓани, за нашите земји, за нашите идеи, за нашиот европски Балкан. За Западен Балкан, за овој отворен регион“. Но додаде оти се надева дека ЕУ ќе најде начин да обезбеди и финансирање проектите на трите земји, затоа што голем дел од нив се дел од зелената агенда. 

Според Заев, оваа иницијатива е автентична и самостојна и е убеден дека ќе добие поддршка во Брисел и Вашингтон. Тој уште нагласи дека иницијативата е отворена за сите земји земји од Западен Балкан.

„Решивме од погледот кон минатото благо да се свртиме кон иднината“, го започна говорот Вучиќ, оценувајќи дека последните две години се развила искрена доверба меѓу тројцата лидери.

„Ние не сме ни глупави ни наивни за да веруваме дека некој ќе работи во корист на нашите земји ако ние не правиме ништо. Си дадовме задача да бидеме на европскиот пат, но да работиме и да не чекаме некој да нѐ води туку сами да си ја обликуваме иднината“, рече тој, нагласувајќи дека за сѐ што разговарале, лесно се договориле, бидејќи нема ништо прикриено во оваа регионална иницијатива.

„Сите добиваме од оваа соработка, не само Србија зашто е поголема. Како ќе добие на пример само Македонија ако српските граѓани до Скопје и до Драч патуваат без задржување? Ако успееме да го оствариме ова што го планираме, тоа ќе биде историја“, рече Вучиќ, па даде неколку примери за тоа што се е на масата на лидерите.

„Знаете ли што ќе значи за нашите камиони, за нашите трговии кога ќе ги тргнеме работните дозволи – до 60 отсто пониски трошоци. Нема да биде лесно, треба да се направат многу работи за да дојдеме до тоа, но тоа ќе биде спас за нашите економии. Ни се отвораат безброј можности и ниту една од нив не е лоша за било која од трите земји“, порача тој.  

Според него, некои во меѓународната заедница не се воодушевени од тоа што го прават тројцата лидери бидејќи, како што рече, воланот на управување е во наши, а не во нивни раце.

Рама: Нема време за губење

„Нашите луѓе бараат да работиме подобро а не да чекаме милостина“, порача тој, додавајќи дека од први јануари 2023 година нема да има граници меѓу трите земји за граѓаните, иако ќе има за државите. Притоа тој најави конкретни олеснувања, како попусти на картите за воз, помали патарини, попусти во хотели и ресторани и слично, за да почувствуваат граѓаните што е добро во проектот.

„Ова е историска задача. Ќе видиме дали сме дораснати за неа или не. Да живее нашето пријателство и уверен сум во нашиот успех“, рече Вучиќ на крајот.  

На таа реторика се надоврза и Рама кој праша – зошто би требало да чекаме затворени во своите граници додека ЕУ си има свој ритам и динамика? Во моментот кога ќе се интегрираме во ЕУ практично ќе го правиме истото ова, додаде тој, практично реплицирајќи им на критичарите во својата земја на иницијативата со Србија и со Македонија.

Оценувајќи дека трите земји немаат луксуз да губат време и натаму, тој порача дека „кој и да каже дека оваа иницијатива е проектирана во бившојугословенските подруми за да се оживее хегемонијата на Србија, тој живее во паралелелен свет и не живее за добро на своите граѓани“. Како пример тој посочи дека сега се чека подолго на граница отколку што се патува до некоја точка во трите земји и дека ниту една меѓународна финансиска институција нема да финансира проект за железница што тргнува и завршува само во Албанија или води само низ Македонија. (С.Ј.)