Врие во Дагестан по повикот за мобилизација, се пука и со оружје


Дагестан станува најпроблематичниот регион во Русија околу мобилизацијата. Утрово гневните мештани се собраа на протест  на автопатот Хасавјурт-Махачкала кај селото Ендиреи. На видео снимките од терен се гледа напнатост, судири и  пукање од митралез.

Росгвардија (Националната гарда) беше донесена за да го врати редот (вклучително и насилно), но локални извори известуваат дека протестите ескалираат и натаму. Како одговор на нацрт-наредбата од претседателот Владимир Путин претходно оваа недела, жителите во селото Ендиреј ја блокираа улицата за да им оневозможат пристап на властите, соопшти веб-страницата за граѓански права OVD-Info. На видеа објавени на социјалните мрежи се гледа како безбедносните сили пукаат во воздух, како и расправии меѓу жителите и полицијата, пренесе ДПА.

Протестот следеше откако 110 мажи од селото беа повикани да се приклучат на борбата во Украина, според извештаите на локалните медиуми.

По минатонеделната најава за делумна мобилизација во војната на Русија против Украина, која започна на 24 февруари, има протести низ целата земја. Според набљудувачите, Дагестан кој главно е населен со етнички муслимани, е меѓу руските региони од кои во моментов се мобилизираат најмногу мажи. Активистите се жалат дека припадниците на малцинствата се особено цел на кампањата за мобилизација.

Протести имаше исто така во Јакутск каде утринава жените протестираа поради мобилизацијата на Путин на нивните синови, сопрузи, момчиња и браќа.

Според пишувањето на рускиот медиум „Медуза“ Русија на 28 септември ќе им забрани на мажите на возраст за регрутирање да ја напуштат земјата. Забраната ќе стапи на сила по завршувањето на лажните референдуми во четирите окупирани региони на Украина.

На 22 септември, словачкиот министер за одбрана Јарослав Над го нарече „жалосно“ обраќањето на Путин до нацијата и рече дека мобилизацијата „ќе заврши со соборување на Путин како претседател на Руската Федерација“.

Истовремено, украинскиот локален функционер Серхи Хајдаи објави дека според руските тврдења излезноста на референдумот во уништените Севјеродонецк, Лисичанск и Рубижне е 41-46%, и покрај тоа што повеќето луѓе го напуштаат регионот поради борбите.