Врховниот суд им помогна на републиканците за изменетата конгресна мапа во Тексас

Во партиски поделената одлука највисокиот сид ја одобри прераспределбата која ќе им овозможи на републиканците пет нови конгресни места


Врховниот суд на САД

 

ВАШИНГТОН — Поделениот Врховен суд во четврток им притрча на помош на републиканците во Тексас, дозволувајќи изборите следната година да се одржат според планот за прераспределба на изборните конгресни единици, кој е поволен за Републиканската партија и дава поттик за претседателот Доналд Трамп, и покрај пресудата на понискиот суд дека мапата веројатно дискриминира врз основа на раса.

Со оглед на тоа што конзервативните судии се мнозинство, судот постапи по итно барање од Тексас за брза акција, бидејќи квалификацијата во новите области веќе е започната, а прелиминарните избори се во март.

Наредбата на Врховниот суд ја става одлуката со 2-1 за блокирање на мапата во мирување барем додека високиот суд не донесе конечна одлука во случајот. Судијата Самуел Алито претходно привремено ја блокираше наредбата додека целиот суд ја разгледуваше жалбата на Тексас.

Судиите фрлаат сомнеж врз заклучокот на понискиот суд дека расата играла улога во новата мапа, велејќи во непотпишана изјава дека законодавците од Тексас имале „откриени партиски цели“.

Во несогласување, судијката Елена Каган напиша во име на тројцата либерални судии дека нејзините колеги не требало да интервенираат во овој момент. Правејќи го тоа, таа напиша, „осигурува дека многу граѓани на Тексас, без добра причина, ќе бидат сместени во изборни единици поради нивната раса. И тој резултат, како што овој Суд го прогласува година по година, е кршење на Уставот“.

Гласањето на високиот суд „е зелено светло за уште поголемо прераспределување и силна порака до пониските судови да се спротивстават“, напиша Ричард Хасен, експерт за изборно право на Правниот факултет на Универзитетот во Калифорнија во Лос Анџелес, на блогот за изборно право.

Судиите ги блокираа претходните одлуки на пониските судови во случаите на конгресниот геримандеринг, неодамна во Алабама и Луизијана, кои дојдоа неколку месеци пред изборите.

Конгресната мапа на Тексас, донесена минатото лето по наговор на Трамп, беше измислена за да им даде на републиканците пет дополнителни места во Претставничкиот дом.

Обидот да се зачува малото републиканско мнозинство во Претставничкиот дом на изборите следната година предизвика национална битка за прераспределба.

Тексас беше првата држава што ги исполни барањата на Трамп во она што прерасна во растечка национална битка за прераспределба. Републиканците ја нацртаа новата мапа на државата за да ѝ дадат на Републиканската партија пет дополнителни места, а Мисури и Северна Каролина следеа со нови мапи со кои се додаваше дополнително републиканско место. За да се спротивстават на овие потези, гласачите во Калифорнија одобрија иницијатива за да им дадат на демократите дополнителни пет места таму.

Прецртаните мапи се соочуваат со судски предизвици во Калифорнија и Мисури. Панел од тројца судии дозволи новата мапа на Северна Каролина да се користи на изборите во 2026 година.

Администрацијата на Трамп тужи за да ги блокира новите мапи на Калифорнија, но побара од Врховниот суд да ги задржи прецртаните окрузи во Тексас.

Судиите одделно разгледуваат случај од Луизијана што би можел дополнително да ги ограничи окрузите базирани на раса според Член 2 од Законот за право на глас.

Јавниот обвинител на Тексас, Кен Пакстон, изјави дека наредбата на Врховниот суд „го брани фундаменталното право на Тексас да нацрта мапа што гарантира дека сме претставени од републиканците“. Тој го нарече законот за прераспределба „Големата прекрасна мапа“.

„Тексас го отвора патот додека ја враќаме нашата земја, округ по округ, држава по држава“, рече Пакстон во соопштението. „Оваа мапа ја одразува политичката клима во нашата држава и е огромна победа за Тексас и за секој конзервативец кој е уморен од гледање како левицата се обидува да го преврти политичкиот систем со лажни тужби“.

Гувернерот на Тексас, Грег Абот, издаде соопштение во кое се вели: „Победивме! Тексас официјално – и законски – е поцрвен“.

Претседателот на Демократскиот национален комитет, Кен Мартин, во соопштението изјави дека одлуката на судот „да дозволи стапување во сила на наместени, расно манипулирани мапи на републиканците од Тексас е погрешна – и морално и правно. Уште еднаш, Врховниот суд му даде на Трамп точно она што го сакаше: наместена мапа за да им помогне на републиканците да избегнат одговорност на среднорочните избори за тоа што му го свртија грбот на американскиот народ“.

Главниот обвинител на САД, Пам Бонди, ја поздрави одлуката на Врховниот суд, објавувајќи на Икс: „Федералните судови немаат право да се мешаат во одлуката на државата да ги прецрта законодавните мапи од партиски причини“.

Новата мапа елиминираше пет од деветте „коалициски“ области на државата, каде што ниедна малцинска група нема мнозинство, но заедно тие се побројни од нехиспанските бели гласачи. Вкупниот број на конгресни области во кои малцинствата го сочинуваат мнозинството граѓани на возраст за гласање се намали од 16 на 14.

Сепак, републиканците тврдеа дека мапата е подобра за гласачите од малцинствата. Постои нов, осми округ со хиспанско мнозинство и два округа со црно мнозинство наместо ниту еден. Но, критичарите сметаат дека хиспанското или црното мнозинство во секој округ е толку мало што белите гласачи, кои имаат тенденција да излезат на гласање во поголем процент, ќе ги контролираат резултатите од изборите. (АП)