Врховната рада тврди дека Русија украла 500.000 тони жито од Украина


Руски војници во полиња со жито крај Запорожје (Фото: АП)

Врховната рада ја обвини Русија дека украла повеќе од 500.000 тони жито од два окупирани украински региони.

Според украинскиот Парламент, руските сили ги присвоиле резервите со жито од црноморскиот пристаништен град Херсон и од градот Запорожје, југоисточна Украина.

– Се утврди дека втората армија во светот се лажговци, разбојници, силувачи и крадци, се наведува во твитот објавен од Врховната рада. 

Руските медиуми,пак, објавија дека украинските сили нападнале нафтена платформа во Црно Море, што е во сопственост на кримската нафтена компанија „Черноморнефтгаз“.

– Тоа беше гранатирање од страна на вооружените сили на Украина, нема жртви, соопшти кримската служба за вонредна состојба, без да наведе повеќе детали.

Според руските медиуми тоа е втор таков напад на украинските сили за една недела.

Претставници на Крим на 20 јуни соопштија дека три лица се повредени, а седум лица се водат како исчезнати по украинскиот напад, што ја запре работата на три платформи на „Черноморнефтегаз“.

Русија по анексијата на Крим во 2014 година ја одзеде компанијата „Черноморнефтгаз“ од украинскиот национален оператор за гас „Натогаз“. „Черноморнефтгаз“ е под санкции на САД и на Европска Унија.