Враќање на „Рено“: Французите ја имаат втората најпродавана марка во Европа
Во деветте месеци од 2023 година, Renault продаде 1.128.885 возила на глобално ниво, што е зголемување од 11 отсто во споредба со истиот период во 2022 година. Во Европа, францускиот производител е втор најпродаван бренд во 2023 година со раст на продажбата од дури 22 отсто .
Според последните комерцијални резултати, Renault продал 1.128.885 патнички и лесни комерцијални возила ширум светот во периодот јануари-септември 2023 година, односно 11% повеќе отколку во истиот период во 2022 година (1.013.310). Исто така, во третиот квартал од годината Французите продале 356.747 возила, што е исто така пораст од +11% во однос на К3 лани.
И покрај тоа, на најважниот – европскиот пазар, Renault забележа и сериозен раст на продажбата, поточно за 22 отсто. Со продадени 726.938 автомобили, Renault стана втор најпродаван бренд во 2023 година.
Во сегментот Ц Французите забележаа раст од 36% од почетокот на годината со испорачани 190.535 возила. Austral и Arkana/Conquest се ѕвездите на Renault во овој сегмент. Првиот беше продаден во 60.305 примероци во првите девет месеци од 2023 година, а вториот во 59.542 примероци.
Французите постигнаа напредок и на пазарот на електрифицирани возила. Зголемувањето од 48% во продажбата на хибридни возила придонесе за вкупен пораст од 19% во продажбата на ЕВ, достигнувајќи вкупно 200.000 продадени единици.
Што се однесува до моделот со нулта емисија, електричниот Megane E-Tech собра повеќе од 35.000 испораки. Тоа е околу 54% од вкупниот број продадени електрични возила (64.854 единици). На Стариот континент, електричниот Megane E-Tech претставува 2,2% од пазарот на електрични возила. Новиот електричен Scenic E-Tech исто така ќе придонесе за продажба во текот на 2024 година. Нарачките ќе се отворат во Европа до крајот на 2023 година.