Врачена државната награда „Св. Климент Охридски”


Во Собранието на Македонија денеска беше врачена државната награда „Св. Климент Охридски” за 2021 година.
Добитници годинава се универзитетската професорка Ѓулумсер Касапи за остварување во областа на воспитанието и образованието, писателот Јован Павловски, музичкиот уметник Снежана Анастасова-Чадиковска и Елена Дончева, академски сликар –костимограф во областа на културата и уметноста.

Наградите им ги врачи академик Газанфер Бајрам од Одборот за доделување на државната награда „Св. Климент Охридски”, кој  истакна дека оваа висока државна награда се доделува секоја година на овој ден, на светецот кој што длабоко е вграден во културата и историјата на нашата држава.

– Климент Охридски во нашата меморија се поврзува со писменоста, образованието, пошироко со културата. Овој кијамет што не снајде, глобалната несреќа именувана пандемија е состојба со која секојдневно се соочуваме со жртви и исконски страв од неизвесноста. Благословени сме од Бога  што имаме такви професии  преку кои на најдобар начин преку креативна работа ги покажуваме и ги споделуваме со другите плодовите од нашата дејност, рече Бајрам.