Арачиново добива центар за селекција


Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, заедно со градоначалникот на Општина Арачиново, Даут Беќири, извршил увид во тековните инфраструктурни проекти што се реализираат во општината, со вкупна вредност од над 110 милиони денари.

Како што информираат од Министерството, средствата се обезбедени преку првиот и вториот јавен повик на МЖСПП, а проектите опфаќаат регулирање на речни корита, изградба на фекална и атмосферска канализација, проширување на водоводната мрежа и изградба на канализациска мрежа на Улица 11. Во рамки на посетата биле разгледани и Центарот за селекција, финансиран од Европската Унија, како и проектот за прекугранична соработка со Косово преку програмата ИПА III.

При увидот во активностите за уредување на речното корито во Грушино, инвестиција вредна 15 милиони денари, министерот Хоџа истакнал дека овие проекти претставуваат значаен придонес кон подобрување на локалната инфраструктура, заштитата на животната средина и квалитетот на живот на граѓаните.

Посочуваат дека Министерството за животна средина и просторно планирање продолжува со поддршка на инфраструктурни проекти што носат конкретни придобивки за граѓаните и одржлив развој на општините.