Вработените во Инспекторатот за употреба на јазиците не добиле плата за три месеци

Вработените во Инспекторатот за употреба на јазиците, преку писмо кое денеска го испратија до медиумите, реагираат што за месеците април, мај и јуни, не им се исплатени плати. На прашање на Мета до Министерството за правда, под чија надлежност е Инспекторатот, одговорија дека наскоро проблемот ќе биде решен и дека вработените ќе ги добијат заостанатите плати.
„Живееме без плата, без статус и без иднина – поради државен срам кој никој не сака да го реши. Министерството за правда, под водство на Игор Филков, ни должи 3 плати за април, мај и јуни, а платата за јули е целосно непокриена, бидејќи Министерството сè уште одбива да нè преземе – и покрај тоа што Собранието на 24 јуни усвои закон што ги обврзува да го сторат тоа во рок од 30 дена. Рокот истече, реакција – нула, одговор – нула. Додека ние живееме на кредит, купуваме леб на вересија и стравуваме за децата, министерот се крие зад бирократија и ги штити личните интереси на директорот Арсим Идризи, кој ја користи институцијата за јавни набавки на сокчиња, за фотографирања и за вработувања на партиски послушници, додека ние остануваме на улица“, наведено е во реакцијата од вработените во Инспекторатот.
Мета се обрати до Министерството за правда од каде што ветуваат скоро решавање на проблемот.
„На вработените им доцнеше исплатата на плати поради тоа што законот беше „закочен“ во собраниските процедури. Сега тоа е решено. Министерството веќе исплати плати за месеците јануари, февруари и за март, а наскоро ќе им бидат исплатени наеднаш и платите за април, мај и за јуни, се прават пресметките во моментов. Сега нема пречка за тоа“, рекоа во министерството.