Возачот на експлодираното возило Тесла бил елитен војник


Шерифот Кевин Мекмахил од полицискиот оддел во Лас Вегас на прес-конференција изјави дека мртвиот човек во експлодираниот Тесла „сајбертрак“  пред хотел на  Доналд Трамп,  имал прострелна рана во главата. Во возилото биле пронајдени два пиштоли, пасош, воена лична карта и кредитни картички. „Сајбертракот“ бил натоварен со пиротехнички средства и канти со бензин. Очигледно, детонацијата имала намера да предизвика поголема штета, но челичната каросерија апсорбирала голем дел од бранот на експлозијата. Според полицијата, која се повикува на извештај на судска медицина, починатото лице е Метју Алан Ливелсбергер од Колорадо Спрингс, војник кој служел во Германија, а претходно, два пати во Авганистан. Бидејќи телото на мажот било изгорено до непрепознатливост, полицијата морала да ги чека резултатите од ДНК анализата за конечна идентификација.

По извештаите на медиумите дека загинатиот е војник кој го изнајмил возилото, армијата  на САД  објави информации според кои Ливелсбергер бил припадник на специјалната единица Зелени беретки и бил на одмор во моментот на експлозијата. Шерифот Мекмахил изјави дека 37-годишникот поголемиот дел од своето време го поминувал во базата Форт Карсон во американската сојузна држава Колорадо и во Германија, се вратил од Германија во рамките на одобреното отсуство. На веб-страницата на американската армија се наведува дека специјалната единица Зелени беретки е специјализирана за герилско војување и неконвенционални тактики во странски мисии. Според армијата, човекот служел во Украина, Таџикистан, Грузија и Конго и повеќе пати бил одликуван. Еден од иследниците истакнува дека „нивото“ на постапувањето со експлозивните материјали „не одговара на она што би се очекувало од лице со вакво воено искуство.”Американските власти сè уште не утврдиле поврзаност помеѓу експлозијата на електричното возило и  смртоносниот напад со автомобил во Њу Орлеанс.  Експлозијата во Лас Вегас се случи неколку часа по  злосторството во Њу Орлеанс.  Таму, на новогодишната ноќ, поранешен американски војник влетал со пикап во толпата.