Вол Стрит: Дау Џонс порасна, „Епл“ го спушти „Насдак“


Берзанскиот индекс Насдак композит, падна во четврток, дури и по силниот извештај за заработка од „Микрон“ (Micron Technology), бидејќи трговците се повлекоа од клучните технолошки акции. Пазарот беше поделен, бидејќи компаниите кои не се занимаваат со вештачка интелигенција го кренаа индустрискиот просек Дау Џонс на нов рекорден максимум за време на дневното тргување.

Насдак ослабе за 0,6 проценти, додека С&П 500 се движеше околу стагнација. Дау, кој вклучува 30 акции, порасна за 80 поени, или 0,2 проценти. Кога станува збор за Дау Џонс, акциите од здравствениот, финансискиот и индустрискиот сектор дадоа поттик на индексот на „сини чипови“. Акциите на „Џонсон и Џонсон“ и ЈПМорган Чејс пораснаа за повеќе од еден и два проценти, соодветно, додека акциите на „Катерпилар“ скокнаа за пет проценти.

Акциите на „Епл“ го предводеа падот на Насдак, паѓајќи за 5 проценти откако компанијата објави зголемување на цените за макбук и ајпадс. „Епл“ го наведе зголемувањето на цените на компонентите, како што се чиповите, како причина. Покрај тоа, акциите на „Мајкрософт“ паднаа за речиси четири проценти откако компанијата објави дека ја зголемува цената на конзолите иксбокс („Xbox“).

Други големи технолошки компании кои купуваат полупроводници исто така паднаа. На пример, „Алфабет“ и „Мета Платформс“ изгубија еден процент. Може да постои одредена загриженост дека маржите на големите технолошки компании би можеле да бидат намалени од зголемувањето на цените на чиповите.

Со зголемувањето на цената на меморијата, Џед Елерброк од „Арџент Капитал Менаџмент“ забележа дека „сè што купуваме што е електронско и содржи полупроводници“, како што се телевизорите и автомобилите, „ќе стане поскапо“.

„Мислам дека има доста големи ефекти на прелевање од многу изразената инфлација и технолошките синџири на снабдување“, рече овој менаџер на портфолио. Сепак, потрошувачот во моментов е „доволно силен за да ги апсорбира овие зголемувања на цените“, додаде тој.

Индексот на цените на личните потрошувачки трошоци во мај – претпочитаниот показател за инфлација на Федералните резерви на САД – покажа дека главниот индекс се зголемил за 0,4 проценти во однос на претходниот месец, нешто помалку од 0,5 проценти што ги очекуваа економистите анкетирани од „Дау Џонс“. Главниот индекс порасна за 4,1 процент на годишна основа, во согласност со очекувањата.

Кога се исклучуваат варијабилните цени на храната и енергијата, основниот PCE порасна за 0,3 проценти на месечна основа и за 3,4 проценти на годишна основа. И двата податоци беа во согласност со очекувањата на економистите. Иако основната инфлација достигна највисоко ниво од октомври 2023 година, инвеститорите беа олеснети што бројките не беа уште повисоки, по зголемувањето на цените на енергијата предизвикано од конфликтот на Блискиот Исток.

Приносите на американските државни обврзници малку се намалија, па приносот на референтната десетгодишна американска државна обврзница ослабе за повеќе од еден базичен поен, на 4,384 проценти.

„Инфлацијата е превисока, но не е надвор од контрола“, рече Елерброк.

„Микрон“ го ублажи падот на пазарот, бидејќи акциите на компанијата пораснаа за 14 проценти откако производителот на чипови објави резултати за третиот фискален квартал што ги надминаа очекувањата на аналитичарите. „Куалком“ (Qualcomm), исто така од секторот за полупроводници, порасна за шест проценти откако ги зголеми проекциите за приходи од немобилни производи за фискалната 2029 година. Други компании од секторот за чипови, како што се „Сандиск“, „Вестерн диџитал“, КЛА и „Аплајд матераилс“, исто така пораснаа следејќи го овој тренд.