Војници од гардата на Путин одбиваат да се борат во Украина
Војници на руската Национална гарда одбија да се борат во Украина, поради што Москва ги отпушти на лице место.
Дванаесетте војници одбија да ги извршат наредбите на Владимир Путин да патуваат во Украина на почетокот на инвазијата, откако тврдеа дека нивните воени договори се однесуваат само на руска територија.
Според адвокатот за човекови права Павел Чиков, членовите на Националната гарда – познати како приватна војска на Путин – рекле дека нема правна основа тие да бидат распоредени во Украина.
„Одбивањето да се изврши наредбата беше објаснето од страна на борците на руската гарда како незаконско“, рече Чиков во објавата на „Телеграм“, според Тајмс.
Чиков додаде: „Никој од нив немаше странски пасош со себе, ниту намера да ја напуштат територијата на Русија, бидејќи нивните директни службени должности беа ограничени на територијата на Руската Федерација. Ниту еден од тужителите не бил информиран за мисија на територијата на Украина за учество во специјална воена операција, ниту пак им биле кажано за задачите вклучени во оваа операција и, како резултат на тоа, не дале согласност за тоа“.
Сите војници, кои ги предводел капетанот Фарид Читав, биле од Краснодар во јужна Русија. Тие беа распоредени на Крим од 6 февруари и спроведуваа годишни вежби кога им беше наредено да се преселат во Украина.
Војниците беа отпуштени откако одбија да се борат во Украина на 25 февруари, еден ден по инвазијата на Русија во земјата, но тие сега се жалат на одлуката, изјави нивниот адвокат Михаил Бењаш за „Москва тајмс“.
Комитетот на мајките на војниците на Русија тврди дека многу од младите војници на Путин кои сега се борат во Украина биле измамени да се пријават и им било кажано дека се упатуваат кон границата за маневри пред да бидат испратени во крвав конфликт.
Во меѓувреме, руски војник заробен од Украина тврди дека Владимир Путин има „одреди на смртта“ кои убиваат дезертери кои одбиваат да учествуваат во бруталната војна.
Преплашениот 22-годишник рече дека „навистина има“ тим обучен да собере сите војници кои бегаат дома од инвазијата – додавајќи дека тоа навело многумина да се предадат.
Човекот, кој не е именуван, исто така рече дека на руските војници им се одземаат телефоните за да не можат да ги видат меѓународните вести за војната.
Заробените руски војници кои зборуваа на 2 март рекоа дека инвазијата на Украина е во „целосен неред“, според гласовните снимки добиени од британска разузнавачка компанија.
Прислушуваните радио пораки укажуваат дека војниците одбиваат да ги послушаат наредбите на централната команда да ги гранатираат украинските градови и се жалат на снемување на резервите на храна и гориво.
И покрај мобилизирањето сили од 150.000 до 200.000 руски војници, Москва не успеа да предвиди ништо друго освен слаб отпор од страна на украинските сили – најверојатно поради промашувањата на руското разузнавање.
Висок воен офицер на НАТО рече дека алијансата проценува дека Русија претрпела меѓу 30.000 и 40.000 жртви на бојното поле во Украина во текот на првиот месец од војната, вклучувајќи меѓу 7.000 и 15.000 убиени.