Военото образование е столбот на кој се градат офицерските и подофицерските кадри – 30 години Воена академија

Образованието е темелна вредност во градењето на едно општество, а военото образование е столбот на кој се градат офицерските и подофицерските кадри, рече министерот за одбрана Владо Мисајловски на денешното одбележување на 30 годишнината од основањето на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во касарната „Гоце Делчев“ во Скопје. На свеченоста присуствуваше и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски.
Како што информираат од Министерството за одбрана, Мисајловски порачал дека академијата „изминатите 30 години прераснала во значајна високообразовна институција во државата и во регионот“, а успехот го припишал на посветеноста на образовниот кадар кој придонесува во градењето на младите питомци во професионалци подготвени и мотивирани да ја преземат лидерска улога.
-Академијата преку своите наставни програми во чии рамки се изучуваат и лидерските способности на личности како генерал Апостолски и други значајни личности од македонската историја, поставува цврсти темели за едукација на кадри подготвени да го следат заветот на нашите национални херои, рекол министерот.
Тој се осврнал и на регионалниот карактер на Академијата, за што рекол дека „преку едукацијата на питомци од соседството се зајакнува соработката, се разменуваат искуства меѓу земјите од регионот и се промовира дијалог кој создава мрежа на идни офицери подготвени за соработка и интероперативност.“
Министерот му честитал на новиот декан на Академијата, полковникот Ненад Танески за превземањето на оваа значајна функција и му се заблагодари на досегашниот декан, полковникот Митко Богдановски за досегашниот придонес и развој на оваа образовна институција.
Полковникот Танески, пак, истакнал дека „во овие 30 години, Академијата се изградила како единствена воена високообразовна институција во државата, која поставила темели за квалитет, традиција и постојан развој“, укажувајќи на тоа дека „од првите генерации до денес, 1.234 питомци од кои 74 странци од НАТО и нашите партнери, низ својата обука и образование станаа офицери, лидери и врвни професионалци.“
Во рамките на свеченоста била промовирана и монографијата „30 години Воена академија“, како капитално дело кое ја обележува историјата и достигнувањата и придонесот на Академијата во државата и општеството.
Во моментов во тек се активностите за изградбата на нова спортска сала за потребите на Воената академија, прв објект кој се гради после 30 години и кој ќе придонесе за унапредување на условите за тренинг и развој на нашите идни офицери.