(Во живо) Изјава на јавниот обвинител Коцевски, не кажа прецизна бројка за загинатите


Љупчо Коцевски (Фото: Б. Грданоски)

Јавниот обвинител Љупчо Коцевски даде изјава за медиумите без да даде прецизна бројка за бројот на загинатите во пожарото во дискотеката во Кочани. Според него во моментот се води истрага за тоа, не потврдувајќи ни бројка колку лица се водат за исчезнати.

Коцевски на семејствата на жртвите и на повредените во трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“ им вети брза и целосна истрага во која ќе се утврди одговорност за несреќата.

„Формирав тим од 5 јавни обвинители, двајца од Скопје, еден од Штип и двајца од Кочани. Некои од обвинителите се на терен, а други издаваат наредби за одредени процесни дејствија. Ќе се врши увид и ќе се преземат дејствија околу евентуалните сторители, ќе се видат пропустите. Во моментов, јавните обвинители издаваат наредби во однос на евентуална одговорност за евентуални лица кои се инволвирани. На семејствата им изразувам длабоко сочувство, им гарантирам дека истрагата ќе биде целосна и брза, ќе има вештаци од сите области, за да се утврди одговорност“, кажа тој.

Коцевски не можеше да потврди дали се точни информациите дека во моментот на пожарот во објектот имало од 1.500 до 1.700 лица.

„На семејствата на загинатите во пожарот им изразувам најдлабоко сочувство. Можам да им гарантирам дека Обвинителството ќе спроведе брза истрага, ќе ангажираме вештаци од сите области, така што ќе ги видиме и причините и одговорноста#, рече Коцевски од Кочани.

Тој додаде дека се преземааат сите истражни дејствија и дека допрва ќе се утврдуваат причините.

„Првични сознанија ќе имаме штом ќе заврши увидот, ќе се соберат доказите и ќе се сослушаат лицата. Увидот нема рок и ќе трае сè додека биде завршен“ – рече Коцевски.

Во моментот на разговор се повеќе лица и се сослушуваат. Преземени се мерки да не избегаат.

На новинарско прашање дека министерот за внатрешни работи Панче Тошкоски рече дека пожарот настанал од протехнички средства, Коцевски рече дека првичните сознанија се такви, но во овој момент не може ништо повеќе да каже затоа што се врши увидот на лице место.