Во Свети Николе отворена канцеларија за е-услуги


Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски и градоначалникот на Општина Свети Николе Дејан Владев денеска во општинската зграда ја отворија канцеларијата за е-услуги. Министерот за дигитална трансформација Андоновски вели дека за кратко време е подготвена канцеларија и во неа ќе работат тројца вработени, со цел граѓаните да бидат брзо и навремено услужени.

-Сите услуги коишто се достапни на порталот за е-услуги ќе бидат достапни и во оваа канцеларија. Сите граѓани, коишто немаат пристап до интернет, немаат соодветна опрема дома или не знаат или не сакаат сами да ги користат услугите на порталот можат да се обрат во канцеларијата за е-услуги, на многу едноставен, ефикасен начин добијат потребен документ, вели Андоновски.

Посочи дека во моментоv актуелни се две, од кои едната е за добивање на дозволи за оружје. Услуга којашто ловците ја препознаа, а токму во Општина Свети Николе има и голем број на ловци и втората е ИКТ ваучерите за млади, студенти. Во овие канцеларии се доставуваат барањата, како и правењето на профил е достапно во канцеларијата за е-услуги во Свети Николе.

-Во втора фаза очекувам овие центри да служат во помагање, градење на вештини на граѓаните, како да се снајдат, да стасат до потребната услуга. Така што се надевам дека во целост ќе го исполни целиот потенцијал овој центар за услуги. Продолжуваме понатаму, ветивме десет нови центри за е услуги во 2025 година, мислам дека таа бројка ќе успееме да ја стасаме. Во најава ни се уште три до крајот на летото, рече Андоновски.

Градоначалникот на Општина Свети Николе, Владев вели дека граѓаните сега нема да го губат времето по сите институции, туку во оваа канцеларија ќе можат да ги подигнат документите, коишто се во рамките на е-услугите.

-Можат да си дојдат тука и да извидат документи од типот на документи М1, М2 од Агенција за вработување, државјанство, листа за стаж и многу други услуги што ги нудат државните органи во Република Македонија. Така што со ова отварање на оваа канцеларија им се олеснува работата на сите граѓани на Општина Свети Николе, изјави Владев.

Посочува дека канцеларијата за е-услуги во Општина Штип ќе работи од 7.30 до 15.30 часот секој работен ден.