Во Свети Николе и во Неготино над 1.300 заинтересирани да отворат бизнис со државни пари


Информативни денови за презентирање на мерките од Оперативниот план за вработување за 2026 година денес се одржаа во општините Свети Николе и Неготино.

Пред жителите на општините Свети Николе и Неготино заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески, директорката на Агенција за иновации, научно технолошки развој и претприемништво ИНОВА Даниела Димовска и заменик-директорката на Агенцијата за вработување Весна Пешова ги презентираа мерките од Оперативниот план, со акцент на трите подмерки од мерката за самовработување (претприемништво), каде јавните повици се објавени и сите заинтересирани можат да аплицираат до 3 јули.

– Оперативниот план за 2026 година е фокусиран на отворањето на нови работни места, а секако главна мерка е токму оваа за доделување на грантови за отворање на сопствени бизниси, каде годинава се предвидени 1.377.303.780 денари или 22,3 милиони евра, со што е мерка која опфаќа најголем процент од буџетот на Оперативниот план. Со оваа мерка овозможуваме 2043 лица да започнат сопствен бизнис, што е зголемување за 313 лица во однос на минатата година. Интересот е голем и за првите два дена пристигнати се повеќе од 1.300 апликации  – кажа заменик-министерот Ристески.

И оваа година мерката „Самовработување – Претприемништво“ е поделена на 3 подмерки, каде за лицата до 29 години е предвидена помош до 10.000 евра, за лицата над 29 години до 7.000 евра, додека преку здружување во ДОО од 14.000 до 20.000 евра.

Градоначалниците на Свети Николе Дејан Владев, на Неготино Марија Нацева, на Градско Киро Нацков, на Демир Капија Наталија Димитриева и на Росоман Ѓорѓи Крстевски ги повикаа жителите на овие општини да ги искористат поволностите од оваа мерка, како и од останатите мерки од Оперативниот план и да аплицираат на некој од јавните повици.

Сите невработени лица заинтересирани можат да добијат детални информации за мерката во работните клубови на 30-те Центри за вработување на Агенцијата за вработување на Република Македонија, контакт центарот 02-3111-850 и веб-страната www.av.gov.mk.