Во среда, НАСА ќе открие што вратило леталото OSIRIS-REx од астероидот Бену


Во среда, американската вселенска агенција НАСА преку пренос во живо ќе открие што точно донело нејзиното летало OSIRIS-REx од астероидот Бену.

На 24 септември леталото испушти капсула со примерок од камења и прашина, кои ги собра при контакт со астероидот Бену. Капсулата со падобран се спуштила во пустината во Јута, а набргу потоа научниците почнале да ги прават првите анализи. OSIRIS-REx собра примероци од астероидот Бену уште во 2020 година и помина уште една и пол година набљудувајќи го, по што се упати кон Земјата во мај 2021 година.

Минатиот месец леталото ја ослободи капсулата, која по слетувањето во Јута беше пренесена во Хјустон, Тексас, за да биде отворена во вселенскиот центар Џонсон на НАСА. Самото летало веќе е на друга мисија наречена OSIRIS-APEX, а станува збор за посета на астероидот Апофис.

Се проценува дека Бену е стар повеќе од 4,5 милијарди години, што значи дека неговиот материјал може да понуди увид во формирањето на Сончевиот систем, како и како градежните блокови на животот пристигнале на Земјата.

Научниците се воодушевени од фактот дека за време на мисијата е собран повеќе материјал отколку што се очекуваше.