Во сезона на наводнување блокирана сметката на „Стрежево“: Апелација ја прифати жалбата на ЗК „Пелагонија“ на Цветан Пенделески
Со овој чин блокиран е хидросистемот кој ја снабдува Битола со вода во летните месеци, стожерот на електроенергетскиот систем РЕК „Битола“ со техничка вода, а од браната се наводнува плодната Пелагонија, меѓу кои и земјоделските површини на ЗК „Пелагонија“
Битола – Земјоделскиот комбинат „Пелагонија“ од Битола на бизнисменот Цветан Панделески, сепак успеа да ја блокира сметката на државното претпријатие Хидросистем „Стрежево“ – Битола за 26 милиони денари, неисплатена камата. Вака одлучил Апелацискиот суд во Битола на 21 август годинава, по жалбата на ЗК „Пелагонија“ откако претходно Основниот суд во Битола донесе решение да го пролонгира извршувањето на блокадата за 90 дена, до ноември годинава.
Од Хидросистемот „Стрежево“ уверуваат дека спремно го дочекаа блокирањето.
Сепак, со овој чин блокиран е хидросистемот кој ја снабдува Битола со вода во летните месеци, стожерот на електроенергетскиот систем РЕК „Битола“ со техничка вода, а од браната се наводнува плодната Пелагонија, меѓу кои и земјоделските површини на ЗК „Пелагонија“.
Се доведува во прашање и егзистенцијата на околу 250 вработени.
Апелацискиот суд во одлуката меѓу другото пишува дека – „основани се жалбените наводи на доверителот дека нема причина која би претставувала основа за да се одложи извршувањето“.
Од Хидросистемот „Стрежево“ – Битола, ја потврдуваат веста за блокадата и велат дека претходно обезбедиле средства за функционирање на претпријатието кое е во сезона на наводнување, но како што вели директорот Методија Граматковски, од сметката на „Стрежево“ во Стопанска банка Битола, Комбинатот на Панделески ќе си го наплаќа долгот.
„Ние бевме спремни дека може да се случи блокирање на сметката на претпријатието, од тие причини навреме обезбедивме гориво, редовно ги исплативме сметките за електрична енергија и останатите давачки кон добавувачите. Исплативме аванс за вработените за месец август, како во изминатите 6 години. Во овој период функционираме нормално, испорачуваме вода до сите водокорисници како досега. Се надевам дека законски можеме на 12 септември да го исплатиме и вториот дел од платата на вработените, со што нема да биде загрозена нивната егзистенција“, рече Граматковски за „Независен“.
По очи на одлуката на Апелација, директорот на „Стрежево“ Граматковски, на прес конференција обвини дека ЗК „Пелагонија“ го загрозува работењето на „Стрежево“, доколку Комбинатот бара наеднаш да бидат исплатени парите од каматата. Сега Граматковски апелира да се најде решение и да се склучи спогодба со динамика на исплаќање на преостанатиот долг со тоа што ќе направат компензација за испорачаната вода за 2023 година до нивите на Панделески.
„За еден месец ‘Стрежево’ треба да наплати околу 10 милиони денари за испорачана вода на ЗК ‘Пелагонија’, затоа бараме договор со динамика на исплата. Остатокот од средствата не е проблем да го исплатиме“, рече Граматковски.
Како што известуваше„Независен“, Хидросистемот „Стрежево“ – Битола, лани во февруари, загуби судски спор од ЗК „Пелагонија“ од Битола во висина од 1 милион евра. На ова беше пресметана камата од 45 милиони денари и судски трошоци од близу 900 илјади денари.
Главницата од милион евра беше експресно исплатена од сопствени средства на претпријатието како и 19 милиони денари од каматата и сумата за судските трошоци. Релациите меѓу Комбинатот на Панделески и државното „Стрежево“ запнаа ова лето кога Комбинатот „Пелагонија“ си ги побара средствата од дел од неисплатената камата од 26 милиони денари.
Работата отиде дотаму што ЗК „Пелагонија“ јавно испрати критики на сметки на раководството на „Стрежево“ и директорот Граматковски, но неочекувано за јавноста беше кога Комбинатот на Панделески „удри“ и по битолското судство. Во соопштение до јавноста по одлуката на Основниот суд во Битола да го одложи извршувањето на блокадата на сметката на „Стрежево“ за три месеци, Комбинатот упати остри стрели, па се пожали за двојни стандарди на судот и правна несигурност и алудираше на брзината на одлучувањето на Судот за овој предмет „во експресен рок од само 30 минути“.
„ЗК ‘Пелагонија’ трпи штети од двојните стандарди на Основниот суд Битола. Работата на најголемиот производител на пченица, што е стратешки производ во Македонија, е попречена од одлуката на Основниот суд Битола. Ова е уште еден случај што сведочи за недостаток на правна сигурност што го турка ЗК ‘Пелагонија’ во загуби“, реагираа на почетокот на август од комбинатот.
Кусо потоа Апелацискиот суд во Битола пресече дека сметката на „Стрежево“ треба да се блокира и земјоделскиот комбинат да си ги наплати парите од каматата.
Судскиот спор меѓу ЗК „Пелагонија“ и „Стрежево“ е една од ретките пресуди каде јавно претпријатие исплати толкава сума на пари кон приватна фирма.
Проблемот потекнува од 2015 година, кога во февруари се појави големо свлечиште кај селото Драгарино и сериозно го оштети главниот канал за довод на вода и цевководот на ХС „Стрежево“ од кој со технолошка вода се снабдуваат РЕК „Битола“ и индустриската зона како и плодните пелагониски ниви. Во летото истата година свлечиштето направи проблем на водоснабдувањето поради што и Битола имаше рестрикции за вода, а не, пак, нивите во Пелагонија. Свлечиштето беше санирано во летото 2018 година.