Во Романија и Велика Британија разоткриени шпионски мрежи кои работеле за Русија


Руската разузнавачка мрежа работи со полна пареа. Минатата недела Романските власти приведоа шест лица под обвинение за државно предавство, бидејќи организирале паравоена група со поддршка од Москва. Осомничените се обвинети за спроведување активности против уставниот поредок на Романија и обид за собирање и пренесување на доверливи информации на странски служби. Истрагата е поврзана со протерувањето на рускиот воен аташе во Романија Виктор Маковски и неговиот заменик Евгениј Игнатиев, кои беа прогласени за персона нон грата за прекршување на Виенска конвенција за дипломатски односи. Дополнително, истрагата директно ги поврзува двајцата дипломати со претседателскиот кандидат Калин Георгеску.

Во исто време, шест бугарски државјани кои живеат во Велика Британија беа уапсени и прогласени виновни за шпионирање во корист на Русија. Во написот на Би Би Си работата на оваа мрежа е опиша како „една од најголемите странски разузнавачки операции“ во државата.

 

Романија – предавство, пуч и проруски претседателски кандидат

 

Вистиномер пишуваше детално за настаните околу минатогодишните претседателски избори во Романија, нивното поништување и апсењата кои следуваа. Калин Георгеску, фаворитот по првиот круг избори, како и некои од неговите блиски соработници беа приведени од романската полиција. На Георгеску тогаш не му беше забрането повторно да се кандидира на новите избори планирани за мај. Но, Романската државна изборна комисија ја промени одлуката, забранувајќи му Георгески повторно да се кандидира.

Во деталниот извештај објавен доцна во неделата, изборната комисија соопшти дека нивната одлука се заснова на потегот на Уставниот суд да ги откаже изборите откако Георгеску не ги почитувал изборните прописи, пишуваат од Ројтерс.

Како резултат на оваа забрана, завчера имаше протести на улиците во Букурешт за поддршка на Георгеску. Но, случувањата со про-рускиот претседателски кандидат не запираат тука. Во поширока истрага беа уапсени шест лица кои се сомничат дека се дел од пошироката мрежа на руските шпионски операции насочени против Букурешт.

Од Романската национална разузнавачка служба СРИ, во соопштение споделија дека заедно со неколку домашни безбедносни служби, Дирекцијата за организиран криминал и тероризам (ДИИКОТ) уапсила група романски граѓани кои:

[…] од 2023 година организираат и спроведуваат активности, вклучително и формирање на паравоена група, таргетирање на националниот уставен поредок на Романија и вршење субверзивни акции од бунтовнички карактер со цел да се влијае врз романскиот општествено-политички систем. Во извршувањето на нивните дестабилизирачки цели, претставниците на групата активно побараа поддршка од претставници на амбасадата на Руската Федерација, пишува во соопштението на СРИ.

Во рамките на оваа истрага, двајца дипломати на Амбасадата на Руската Федерација беа прогласени за персона нон грата од страна на Министерството за надворешни работи, поточно рускиот воен аташе во Романија Виктор Маковски и неговиот заменик Евгениј Игнатиев. Двајцата руски дипломати, исто така, „спроведоа активности за собирање разузнавачки информации од стратешки области на интерес и ги поддржаа антиуставните постапки на групата“, пишува во соопштението на СРИ.

Според изворите на Јуроњуз Романија кои се блиски до истрагата, целите на групата биле соборување на романските институции, затворање на политичките партии и притисок Романија формално да излезе од НАТО.

А, како што пренесуваат од руската државна новинска агенција ТАСС, повикувајќи се на изјава од руското МНР, „Русија ќе даде соодветен одговор“ по протерувањето на рускиот воен аташе и неговиот помошник.

 

Обединетото Кралство – Бугари во Британија „бркаат“ операции како од шпионски роман

 

На спротивната страна од европскиот континент, беше разоткриена друга мрежа на аматерска шпионажа во корист на Русија. Шест бугарски државјани кои живеат во Обединетото Кралство беа осудени за шпионирање и следење на руски дисиденти и критичари на Русија и Путин. Во деталното истражување на Би Би Си за целата истрага се споменуваат Oрлин Русев, или „Џеки Чен“ – водачот на групата, Бисер Џамбазов или „Лудиот Макс“, Катрин ИвановаИван Стојанов или „Уништувачот“, Вања Габерова и Тихомир Иванчев. Оваа аматерска шпионска единица ја оркестрирал Јан Марсалек, кој во минатото бил главен оперативен директор на германската компанија за обработка на плаќања „Wirecard“.

Шестмината осудени живееле во Велика Британија, и помеѓу 2020 и 2023 година, во серија тајни операции што се протегаа низ повеќе европски земји, групата се фокусирала на следење и обиди за киднапирање и неутрализирање на поединци кои се критични на руските интереси. Нивните мети беа истражувачки новинари како што се Кристо Грозев и Роман Доброхотов.

Според Ен Би Си, за извршување на нивните мисии, оваа група користела напредни технологии за надзор и шпионирање, тајно следење на своите мети дури и на локации како што е американската воена база во Штутгарт, Германија. Групата, исто така, користела т.н. тактика на заробување „медна стапица“ (honey trapping) — обично женски таен агент воспоставува сексуална или романтична врска со цел да ја натера метата да сподели компромитирачки информации или материјали.

Активностите на групата биле прецизно координирани, при што членовите работеле под лажни идентитети и користеле софистицирана опрема за да избегнат откривање, на пр. користење на комуникациски платформи како Телеграм. Според лондонската полиција, групата била во редовна комуникација со Марсалек, кој ги насочувал операциите, бидејќи тој самиот бил посредник меѓу нив и руските контакти, односно руската воена разузнавачка агенција ГРУ. Според Би Би Си, Марсалек е поврзан со државните разузнавачки служби на Русија и, иако тој не кривично гонет во Велика Британија, има сомнежи дека се крие во Москва.

Фото: Метрополска полиција
Лажно претставени идентитети на Габерова и Иванчев

Во февруари 2023 година, неколку членови беа уапсени во Обединетото Кралство, што доведе до судења што го разоткрија целиот обем на нивните шпионски операции. Иако никој од шестмината не ги негираше своите постапки, РусевЏамбазов и Стојанов ја признаа вината пред судењето, но ИвановаГаберова и Иванчев негираа дека знаеле дека работат за Русија. Поротата не се согласи.

Апсењата и на романските и на бугарските шпионски групи е доказ дека полето на дејствување на руската шпионска мрежа е добро вкоренета во Европа. Официјални лица од двете земји ги опишаа случаите како дел од поширок безбедносен предизвик, со тековни напори за спротивстават на активностите на странски разузнавачки служби на континентот. (Мета)