Во поделена Русија сочувството стана граѓански отпор


МОСКВА – Малика плачеше додека положуваше цвеќе во подножјето на статуата на украинскиот поет во центарот на руската престолнина.Покрај нејзината тага – чинот беше комеморација на жртвите од рускиот ракетен напад врз украинскиот град Днипро – таа имаше уште две причини да се чувствува нелагодно.

Првата, беа трепкачките сини светла на полициското возило паркирано на неколку метри. Во Русија, секое изразување на сочувство за Украина може да се смета за дискредитација на руските вооружени сили, а деновите пред посетата на Малика беа уапсени неколку лица.

„Ги презирам“, рече таа за полицајците околу споменикот.

Нејзината втора причина за загриженост беа нејзините колеги московјани кои минуваа. „Некој би можел да слушне дека свирам Океан Елзи и да ги извести властите“, рече таа, мислејќи на украинскиот рок бенд кој се слуша преку нејзините слушалки, чија музика стана неофицијален саундтрак на оние кои се противат на војната.

Според руските медиуми, полицијата прво била алармирана за импровизираниот споменик од националистичките будни чувари.

„Тоа е земјата во која живееме сега“, рече Малика. „Ги гледам околу мене овие луѓе кои си ги тераат животите како ништо да не се случува и јас сум ужасната“.

Дури и поранешниот сопруг на Малика, со кој таа има син, е „од другата страна на јазот“ кога станува збор за неговите ставови за војната. Нападот на рускиот претседател Владимир Путин врз Украина ја одвои неговата земја од западниот свет. Исто така, создаде јаз во руското општество, спротивставувајќи ги сонародниците едни против други и ставајќи ги повеќе од кога било во информациски меури.

Иако точноста на анкетите во Русија често се доведува во прашање, резултатите од истражувањата – без разлика дали се од независни, државно финансирани или објавени тајни истражувања на Кремљ – сугерираат дека мнозинството од руското население ја поддржува војната или барем е подготвено да ја прифати како животен факт.

Од егзил, пак, независните медиуми на руски јазик продолжуваат да произведуваат критични вести, искористувајќи ги предностите на платформите како YouTube и Telegram. Иако тврдат дека се грижат главно за луѓето кои сè уште се внатре во Русија, тие признаваат дека со тоа најмногу се обидуваат да ја задржат својата стара публика.

Проширувањето на публиката на про-Кремљ Русите е задача за Херкулес: исто како што Русите наклонети кон опозиција ја избегнуваат државната телевизија, оние кои го поддржуваат Кремљ ги консумираат медиумите финансирани од државата како главен извор на вести или следат избор на провоени канали на социјални медиуми. Меѓутоа, во реалниот живот меурите се преклопуваат. Линијата на судир поминува низ семејствата, пријателите и работните места.

Со децении, Дмитриј, 45-годишен режисер кој се противи на војната, се собираше со своите долгогодишни пријатели околу Божиќ. Оваа година тој не беше поканет на повторното обединување. „Тие знаат што мислам јас, па на свој начин се обидуваа да избегнат непријатна ситуација“, рече тој. Слично на тоа, една млада дизајнерка рече дека го прекинала контактот со нејзината мајка со месеци бидејќи таа постојано и испраќала линкови до провоените видеа на YouTube.

„Моето семејство е како микрокосмос на Русија и не знам како да живеам со него“, рече таа. „Постои целосен недостаток на разбирање меѓу нас, како да сме од различни планети“, рече таа.

За руските власти, општествената поделба е причина за славење, како резултат на нивните долгогодишни заеднички напори да го маргинализираат опозициското расположение.

Во четвртокот Кремљ ја нарече Медуза, убедливо најчитаниот независен медиум меѓу младите Руси, како „непожелна организација“. Русите кои споделуваат линк до статија сега ризикуваат парична казна или дури кривично гонење. Сепак, се уште има простор за изолирани протестни чинови, се додека тие се во строги параметри.

Во последниве недели, во градовите низ Русија се појавија импровизирани споменици, како тој на статуата во Москва на жртвите од нападот на Днипро, во кој загинаа најмалку 46 цивили. Оние како Малика, кои носат цвеќиња или играчки, во голема мера се оставени сами на себе. Но, во моментот кога чувството ќе се изрази со зборови, дозволувајќи им на случајните минувачи да ја фатат пораката и можеби дури и да се приклучат, властите  настапуваат.

Видео кое наголемо се шири на социјалните мрежи покажува млада жена по име Екатерина Вареник како е приведена од полицијата откако држела рачно напишана табла на споменикот во Москва. Пред да биде приведена, ѝ било дозволено да стави црвен каранфил на статуата, но не и траспарентот.На видеото, се слуша како полицаецот ги повторува зборовите на таблата – „Украинците не се наши непријатели, туку наши браќа“ – во својот телефон, веројатно  информирајчи ги своите претпоставени.Московскиот суд подоцна и изрече на Вареник 12-дневна затворска казна и парична казна.

Андреј Колесников, политички аналитичар кого властите го означија како „странски агент“, рече дека судбината на Вареник е илустративна за тоа каде се наоѓа Русија денес.

„Во контекст на војната и со ризик од кривично гонење, едноставното изразувањето сочувство стана чин на граѓански отпор“, додаде тој. (Политико)