Во одбрана на (не)писмените

Големата врева на социјалните мрежи за „Јос и брос“ стана парадигма за жалните состојби во македонското образование и јавниот булинг и омаловажување на едно девојче за една грешка


Неколку дена душегрижниците, кои своето мислење храбро го истакнуваат само на социјалните мрежи (оти таму е најбезбедно за нив) распнаа девојче кое се запишало во скопската гимназија „Јосип Броз“, а за тоа известува некоја другарка, роднина, мајка… во приватна порака, но во пораката стои: „Се запишав во Јос и брос“. Толку! Сите ние знаеме каде се запишало девојчето, но некако ни засмета што името на, како што други пак, вреват по Фејсбук во одбрана на истото девојче, „еден водач од 20-тиот век“, не е напишано правилно.

Од тука произлегуваат бројни коментари за неписменоста на нашите деца кои, вака или онака, стигнале до средно, за никаквото ни образование, за тоа кој е виновен што децата ни се неписмени, за нивото на општествените вредности, за гласната ни погрешна политика. Па, на тапет се ставаат од децата, преку родителите, наставниците до министри и поранешни премиери.

Тешко дека ревните фејсбукчии ќе го најдат „виновникот“ за „Јос и брос“, па макар коментирале или буричкале по својата умна глава до бесвест. 

Тоа што на наставниците одамна им се забрани да повишат тон кон своите ученици; тоа што не смеат ни да помислат да „казнат“ ученик со дополнителна домашна – не дај Боже да им падне на памет да им речат да го напишат името на некој великодостојник од претходните векови 100 пати за домашна, или пак да ја препишат таблицата множење петпати во тетратка… родителите веднаш се појавуваат бесни и гневни и агресивни во училиште силно извикајќи го името на наставничката, што се дрзнала така да го казни нивното дете, со милион оправдувања дека и да не го знае името на тој некој и да не ја научи никогаш таблицата множење, нивното дете ќе биде кмет, претседател, астронаут, доктор… Не смее во сведителството да им стои оценка помала од петка. И тоа не е само желба на родителите и на учениците. Тоа е желба и барање, односно строг услов, за да се запишете ако сакате во „Јос и брос“. Сѐ помалку од тоа, ве сместува во оние училишта на кои ни името не смееме да им го изговориме, а не пак да го напишеме грешно.

Замислете наставник во денешно време да казни немирен ученик, кој го узурпира вниманието на своите соученици со беснотилаци, а со тоа го троши и времето на наставникот кој треба да предаде одредена лекција, со стоење во ќош до крајот на часот! Родителот ќе се пожали не само по училиштните служби – до министерот ќе стигне, ако треба и повисоко.

Доколку и се осмели некоја наставничка да даде дополнителна задача за домашна, таа редовно, ама редовно не е напишана, па не вреди методот: „Ако денеска не донесе – утре двојно!“

Ќерките и синчињата на денешните мама и тато не смеат да се мачат со пишување со молив во тетратка. Мислиш моливот мотика е!

Согледувајќи ги ваквите состојби, една претходна образовна администрација, со новиот концепт, препорача децата да немаат домашни. Прочитале некаде дека во Шведска, Финска, Норвешка така правеле и имале подобри реултати!

Сега, овие наставнички, од стар ков, што имаат работно искуство од 25 и повеќе години, па продолжиле да даваат домашна и тоа многу (да се раскаже текст по македонски јазик, да се решат 4-5 задачи од последната предадена лекција по математика, да се одговорат прашањата под последната лекција по природни науки и друго) и сето тоа за утре, мора да се кријат дека го прават тоа и во најмала рака, строго да им кажат в лице на родителите на денешните ученици, на кои пак, раката им се здрвувала пред триесетина години од слични домашни, дека таа така цела кариера правела и ќе продолжи да го прави и со овие ученици. Ама, да не се зборува за тоа, да не слушат оние од МОН. Од триесет деца во класот, оваа домашна ја сработуваат пет! Другите или никогаш нема да ја напишат или ќе дојде родителот на кавга.

Учебници, кај ги нема, туку се менуваат на неколку години. Некои поради воведување нови концепции (секој нов министер си носи нова концепција) или поради висока политика (да не ги навредиме соседите). Децата се приморани, а и полесно им е, да пребараат на интернет. Таму пак, какви сѐ замки за фактите, за историјата, за личностите од претходните векови ги чекаат, не ги спасува ни обуката за медиумска писменост што случајно им се паднало да ја посетуваат во училиштето. (И таа обука е одржана по иницијатива на некој проект, невладина и други – не институционално)

Да не се чудиме што Украина на пример, нашите деца ја викаат Јукраин. Оти така ја слушнале на ТикТок. Ако земат да ги отворат нашите учебници, ќе имаат доказ дека Монт Еверест е висок 29.000 метри. Па, не знаеш што е полошо.

Ние сме се фатиле за еден „Јос и брос“. 

Во негово време учебници имаше за секое дете и уште толку резерва. А наставниците имаа слобода да ги толкуваат и следат учебниците како што тие сметаат дека е најдобро. Имаше наставници кои не го признаваа наметнатиот од системот учебник, па диктираа во тетратака она што сметаа дека треба да го знаат учениците. Тие наставници потоа стануваа директори на училишта. Значи, беше можно еден наставник да се побуни против цел систем и за тоа да биде награден.

Сега пак, наставниците што се трудат да се интересни и ја прифаќаат новата технологија како олеснителна алатка да го задржат вниманието на своите ученици или да ги инспирираат се исмевани од своите колеги, кои им велат дека се будали што се трудат, затоа што и тие и оние кои не се трудат ќе ја земат истата плата.

Децата ги гледаат овие модели на однесување и ги повторуваат, ги применуваат во своето битисување, па неписмените подоцна стануваат шефови на писмените.

Дека не грешат со имињата само децата кои уште не станале ни средношколци покажува и примерот на новиот министер за европски прашања Орхан Муртезани, кој вчера по средбата со еврокомесарот Дејвид Гир, рече дека се сретнал со Ричард Гир.  

Ова девојче, кое се запишало во „Јос и брос“ треба да ја напише својата булинг-приказна на платформата „Крени глас против врсничко насилство“, што се спроведува во речиси секое училиште, а е изработена од општествено одговорна компанија (секако не од МОН или МВР), за да покаже дека „зборовите може да повредат“. А од септември, нека ја „загрее“ столицата! Има време – ќе научи кој бил Јосип Броз Тито.