Во Нагорно Карабах воведена воена состојба и мобилизација


Властите во Нагорно-Карабах воведоа воена состојба и целосна мобилизација на машкото население по ескалација во азербејџанско-ерменскиот конфликт. Тоа го нагласи во изјавата денеска претседателот на регионот Араик Арутјунјан во Степанакерт.

– Почнавме со мобилизација на сите граѓани над 18-година возраст. Објавивме воена состојба, изјави тој.

Руското МНР повика за итен прекин на огнот и преговори.

Ерменскиот премиер Никол Пашинјан изјави дека азербејџанските вооружени сили почнале офанзива во насока на Нагорно Карабах. Според ерменското Министерство за надворешни работи, азербејџанската армија бомбардира населени места, вклучително и главниот град на непризнатата република Степанакерт.

Судирот меѓу Баку и Ереван почна во февруари 1988 година, кога автономниот регион Нагорно Карабах прогласи отцепување од Азербејџан. Во текот на судирите меѓу 1992 и 1994 година, Азербејџан ја изгуби контролата над Нагорно Карабах и седум соседни региони, Од 1992 година се одржуваат преговори за мирно решавање на судирот во рамки на ОБСЕ Минск групата, со која претседаваат Русија, САД и Франција.