Во метрото во Солун ќе се постават 85 автоматски надворешни дефибрилатори


Во мрежата дефибрилатори на невладината хумнанитарна организација „Децата спасуваат животи“ (Kids Save Lives) се вклучува и метрото во Солун, каде што во соработка со Министерството за транспорт и инфраструктура на Грција ќе бидат поставени 85 автоматски надворешни дефибрилатори, донација од приватна компанија, јави дописничката на МИА од Атина.

Од организацијата информираа дека станува збор за „иницијатива што ќе заштити 1.000.000 граѓани дневно“, а првиот дефибрилатор беше вчера поставен на метростаницата „Неа Елветија“ во Солун.

Заменик министерот за транспорт и инфраструктура на Грција Константинос Киранакис, преку социјалните мрежи, посака дефибрилатори никогаш да не бидат потребни, но и посочи дека „ако се потребни, ќе спасат животи“.

– Вкупно 85 дефибрилатори во метрото во Солун, а потоа и во Атина. Користењето дефибрилатор во првите пет минути од срцев удар ги зголемува стапките на преживување на 50 до 70 отсто, напиша Киранакис, заблагодарувајќи се и на компанијата „Масутис“ за донацијата и на организацијата „Kids Save Lives“ за, како што рече, нивната одлична работа.

По состаноците што од хуманитарната организација ги имале со Киранакис, соопштија дека ќе ја поддржат конкретната иницијатива на три начини: ќе го обучат и сертифицираат персоналот на метрото за пружање основна прва помош; ќе ги регистрираат дефибрилатори во националната мрежа на организацијата, така што патниците ќе можат во секое време да знаат каде е најблискиот дефибрилатор и апликацијата „#iSAVElives“ ќе биде бесплатна за патниците и вработените во метрото со цел да ги оспособи за справување со итни случаи – користејќи нови технологии

-Иницијативата што ќе заштити милиони патници, да го промени менталитетот во Грција и во иднина да стане правило за секое средство од јавниот превоз, за секој хотел, училиште, услуга, бизнис, угостителски објект, клуб или вежбалница! Бидејќи обучените раце и дефибрилаторите спасуваат животи … ако се користат во првите пет минути!, потенцираа од „Kids Save Lives“.