Во косовско-српски сендвич


ГОРАН АДАМОВСКИ

Срамно е секојдневно да се слушаат и да се гледаат „лелеците“ од косовските функционери, а за жал и на политичарите од македонската влада во случајот „Томор Морина“. Еден, навидум, процедурален чин каков што би требало да биде приведување на човек што се бара со меѓународна потерница, се претвора во политичка драма што може да ја наруши стабилноста на регионот.

Нејасно е како вицепремиерот, кој патем е задолжен за преговорите со Европската унија, ја замислува правната држава и владеењето на законите со секојдневни притисоци врз Министерството за правда да биде ослободен поранешниот борец на УЧК. Несфатливо е и како официјалните претставници на косовската држава имаат дрскост да испраќаат пораки за можно нарушување на односите меѓу двете земји само затоа што тука се охрабриле да играат согласно меѓународните прописи.

Косово почна да се однесува како Србија едно време. Или како Србија денеска, зависи од кој агол гледате. Наместо да цени што една земја, која што има традиционални блиски односи со Србија, реши во име на своите сограѓани Албанци и иднината со Брисел и со Вашингтон, меѓу првите да ја признае независноста на Приштина, тие само бараат закачки.

Забораваат на правната држава кога треба да ни ги испорачаат двајцата првоосомничени за петкратното убиство на Смилковското езеро, кои останаа на Косово и покрај замолниците од нашата влада. И од претходната и од сегашната. Секогаш кога нешто ќе се налутат, ни го палат државното знаме. Кога членовите на криминалната група што се пресмета со полицијата во кумановското Диво Насеље беа осудени на доживотен затвор, косовскиот премиер Рамуш Харадинај одлучи да им исплати по 10.000 евра на нивните семејства. Тоа е истиот тој Харадинај што со гордост се фотографира со македонскиот колега Зоран Заев и се дружи семејно. И што е сега е под оставка затоа што го викнаа во Хаг да сведочи за наводно воени злосторства за време на војната во Косово во 1999 година. Впрочем, за исти работи како Морина.

Разликата е само што тој доброволно замина таму. Секако дека не е исто да одговараш пред суд во Хаг или пред суд во Белград, особено ако си Албанец. И разбирлив е стравот во Приштина оти ако Морина стигне до Србија, тешко замисливо е дека ќе се врати. И разбирливо е дека Косово како држава брани свој граѓанин. Но, треба да се има верба и во македонскиот правен систем. Барем кога се во прашање меѓународните правила, тука тешко дека ќе потфрлиме. Потфрламе кога се во прашање правото и правдата за македонските граѓани во македонските судови.

Главниот проблем е што Косово веќе подолг период води војна со нерви со Србија. Напнатоста меѓу двете држави, по сѐ изгледа, не можат да ја изменаџираат ниту Европската унија ниту САД. Предолгата изолација на земјата, иако призната од најголем дел држави во Европа и во светот, ја прави нервозна, па влече нелогични потези. Сакајќи да ја притисне Србија, воведе изгор такси за производите со налепница СР, а сега им забранува влез на нивната територија на луѓе со српски пасоши. Ни тие од горе не можат да им застанат на пат.

Србија, пак, која одамна го изгуби Косово, сега нема што да изгуби и се обидува да ќари на косовската нерационалност. Во нивните игри, во средина е ставена Македонија. Не се наивни изјавите од официјален Белград дека има само еден начин нашата земја да покаже дека е сериозна: да го испорача Морина во Србија. Јасно им е дека тоа правно е невозможно, затоа што тие, пред сѐ, го бараат како српски државјанин, а не како косовски. И јасно им е дека припадниците на УЧК се апсат низ цела Европа поради потерниците од Белград, но веднаш се ослободуваат  од правни и од политички причини. Ама, ќе продолжат да напнуваат. Зарем може да им штети ако дополнително го притиснат Заев и го доетикетираат како албанофил што белградската политика и медиумите го прават од неговото доаѓање на власт?

А ДУИ сигурно дека нема да пропушти да поентира на случајот. Во ситуација со разнишан рејтинг и по бомбите на Ел Чека, се потпалува оганот со емоции и свесно се става голем залог, затоа што на крајот ќарот ќе биде голем. Штом Морина биде ослободен, во Мала Речица ќе можат да се пофалат пред Албанците оти тоа се случило благодарејќи на нивната моќ и влијание.

На крајот, последиците како по обичај ќе се наталожат врз грбот на нашата земја.