Во „Комунална хигиена“ 50-ина времено вработени останаа без работа


Фото: Б. Грданоски

Повеќе времено вработени во ЈП „Комунална хигиена“ денеска останаа без работа, затоа што договорите не им се продолжени, дознаваме од наши извори. 

Прво се спомнуваше бројка од околу 100 вработени, но бројот на избркани е помал, тврди нашиот извор, односно околу 50-тина од одделите за администрација и механизација.

Од ЈП „Комунална хигиена“ уште немаат соопштено ништо, а не одговорија ни на прашањата што им ги пративме. 

Како што појаснува нашиот извор, на „Комунална хигиена“ ѝ требаат работници, а не администрација. Дополнително што повеќето од оние кои денеска останале без работа – или не доаѓале на работа, или си заминувале многу порано. Бројката достигнала 50-тина затоа што меѓу нив има и такви кои биле ангажирани на еден месец, но и на една година или шест месеци, а се погодило во исто време да им завршат договорите.

Отпуштањето работници од „Комунална хигиена“ најверојатно нема да сопре тука, затоа што како што велат добро упатени извори, сѐ уште не се решени случаите со тие што воопшто не доаѓаат на работа,а  се на платен список на претпријатието.

Лани во јуни, од „Комунална хигиена“ беа избркани 27 вработени, а пред тоа уште толку, кои постојано држеле трета смена, а и не доаѓале на работа, како што тврдеше тогашната директорка Косана Мазнева-Николиќ.