Во Кина 14 палестински групи потпишаа Декларација за единство


Четиринаесет различни палестински групи се согласија да ги прекинат нивните поделби и да го зајакнат „палестинското единство“ со потпишување на Декларацијата од Пекинг денеска во Кина, објавија кинеските медиуми.

Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји  денеска го поздрави договорот на 14-те палестински фракции за формирање „привремена влада за национално помирување“ што ќе управува со Газа по војната.

Палестинските фракции, вклучувајќи ги Хамас и Фатах, се состанаа во Пекинг оваа недела во обновен обид за помирување.

Како што заврши состанокот денеска, највисокиот кинески дипломат рече дека групите се обврзале на „помирување“.

„Најистакнатиот момент е договорот за формирање привремена влада за национално помирување околу управувањето со повоената Газа“, рече Ванг по потпишувањето на „декларацијата од Пекинг“ од страна на фракциите во кинескиот главен град.

„Помирувањето е внатрешно прашање за палестинските фракции, но во исто време, тоа не може да се постигне без поддршка од меѓународната заедница“, рече Ванг.

Декларацијата е потпишана за време на дијалогот за помирување меѓу фракциите, што се одржа во Пекинг од 21 до 23 јули, објави кинеската телевизија CCTV.

Меѓу потписниците на декларацијата се и лидерите на ривалските групи Фатах и ​​Хамас, кои 17 години се борат за власт во Газа и на Западниот Брег.