Во Јужна Африка откриена нова верзија на корона вирусот, што го почнала вториот бран


 Во Јужна Африка е идентификувана нова верзија на корона вирусот што предизвикува втор бран на инфекцијата, изјави денеска јужноафриканскиот министер за здравство, Звели Мхизе, и тоа само неколку дена откако Велика Британија соопшти дека пронашла нов подвид на Ковид-19.

„Го свикавме овој состанок за да објавиме дека нашите генетичари идентификуваа нова варијанта на вирусот САРС-КОВ-2, што во моментов ја нарекуваме варијанта 501.V2, напиша на Твитер министерот за здравство.

Британските медиуми пренесуваат дека, според него, собрани се доволно докази што силно сугерираат дека овој вид го предизвикува вториот бран од пандемијата во неговата земја.

Во Јужна Африка досега се пријавени над 900.000 инфекции со Ковид-19 и 24.000 смртни случаи.

Во последните неколку дена во земјата има по околу 10.000 нови инфекции дневно, во споредба со околу 1.200 на почетокот на ноември.

Светската здравствена организација (СЗО) денеска соопшти дека е во постојан контакт со јужноафриканските експерти кои ја идентификуваа оваа нова варијанта на корона вирусот. СЗО додава дека досега нема индиции дека имало промена во однесувањето на новиот вид на вирусот.