Во Израел откриен првиот случај на новиот опасен вид на корона вирусот


Во Израел е откриен првиот случај на зараза со новиот вид на корона вирус Б. 1.1.529, кај граѓанин кој се враќал од Малави, соопшти денеска прес-службата на израелското Министерство за здравство.

– Видот на корона вирус, откриен во Јужна Африка, е пронајден во Израел кај граѓанин кој се вратил од Малави. Покрај тоа, постојат сомневања за уште два случаи на зараза кај странски државјани кои во моментов чекаат тестови во изолација, се вели во соопштението.

Агенцијата ДПА претходно јави дека во Јужноафриканската Република се шири нова варијанта на корона вирусот која предизвикува загриженост.

Во Јужна Африка се откриени првите 22 случаи на новата варијанта, Б. 1.1.529, соопшти вчера четвртокот Националниот институт за заразни болести (NICD). Се очекуваат дополнителни случаи бидејќи геномската анализа продолжува, додаде НИЦД.

Јужноафриканскиот министер за здравство Џо Фала рече дека новата варијанта ја потврдува непредвидливата природа на корона вирусот. Тој ги повика Јужноафриканците да одржуваат физичко растојание и да носат маски. Вакцинациите се исто така критична заштитна алатка, рече тој.