Во Италија демонстрации, штрајкови и блокади за осуда на геноцидот во Газа

Во повеќе италијански градови денеска се одржуваат демонстрации, штрајкови и блокади на повик на синдикатите за да се „осуди геноцидот во Газа“ и да се воведат економски и дипломатски санкции против Израел.
Италија засега не сака да се приклучи на одлуката на низа држави кои овие денови го признаа постоењето на државата Палестина, а со најновиот бран таа држава ја признаваат повеќе од 80 проценти од членките на ОН.
Конзервативната влада на премиерката Џорџа Мелони, идеолошки блиска на претседателот на САД Доналд Трамп, има многу внимателен став во однос на војната на Израел против Палестинците во Газа, а повеќепати изрази „загриженост“.
Рим е воздржан и во однос на воведување трговски санкции против Израел што ги предлага Европската унија.
Во Рим демонстрираат стотици средношколци со палестински знамиња и повици „Слободна Палестина!“, демонстрации има и во Милано и Торино на северот, Фиренца во централна Италија, Неапол, Бари и Палермо на југот.
Во Џенова и Ливорно пристанишните работници ги блокираа пристаништата, а во Рим градскиот превоз е во прекин или нарушен.
Според неодамнешна анкета на Институтот Only Numbers, 63,8 проценти од Италијанците сметаат дека хуманитарната ситуација во Газа е тешка, а 40,6 проценти сакаат признавање на палестинската држава.