Во битката за пензионерите Филипче вети регрес од 3.000 до 6.000 денари во грејната сезона
СДСМ ветува дека до крајот на нивниот иден мандат минималната пензија ќе била 20.000 денари, а просечната 30.000
Пензионерите, оние кои ќе излезат на изборите, се групата која може да одреди многу нешта во исходот на гласањето. Двете главни македонски партии го подигнуваат влогот за да ги привлечат тие гласови.
Носителот на изборната листа на СДСМ во Четворката, Венко Филипче, ветува дека владата што ќе ја предводи неговата партија ќе оддели од 3.000 до 6.000 денари регрес за пензионерите во зимските месеци. И дека највисоката поддршка ќе биде за пензионерите со најниски пензии.
Тој тоа го кажа за време на средбата со Здружението на пензионерите во Струмица.
Во изјава за медиумите по средбата Филипче ги кажа мерките на СДСМ за пензионерите досега:
„Со укинувањето на квотите за лекови на рецепт, овозможивме граѓаните да имаат лекови во кој било ден од месецот. Оваа мерка беше најважна за пензионерите кои можат во кој било период од месецот да ја земат својата терапија. Воведовме бесплатна вакцинација против сезонски грип за лица над 65-годишна возраст. Овозможивме и бесплатно болничко лекување без наплата на партиципација за пензионери со пензија пониска од просечната во земјава“, Филипче.
Тој ги повтори ветувањата на СДСМ во следниот мандат, односно минимална пензија од најмалку 20.000 денари, просечна пензија од 30.000 денари, како и воведување енергетски пакети за пензионерите кои живеат сами, во висина од 1.500 денари месечно во периодот од октомври до март.