Во Белград е снимен евровизискиот сценски настап како резервна варијанта
Тим на Македонската Радио Телевизија во соработка со РТС ( Радио Телевизија Србијe ) изминатите денови работеше на реализација на снимка на сценскиот настап под мониторинг на ЕБУ, која треба да послужи како резервна варијанта, доколку е оневозможено присуство на делегацијата во мај, во Ротердам, информираа од МРТ.
Настапите и за Македонија и за Србија беа реализирани во едно од студијата на РТС на Кошутњак, Белград, со што двата национални сервиса ја потврдија долгогодишната соработка и пријателство.
Во моментов ЕБУ фокусот го има на реализација на сценариото Б, што подразбира одржување на Евровизија во мај во Ротердам, со присуство на делегациите, но со примена на мерки за социјална дистанца и други протоколи за заштита од ковид 19.
Евровизиската песна на Васил „Here I stand“, заедно со видео-клипот ќе се промовира на 11 март во Скопје.
Песната е работена според мелодија и текст на самиот Васил, а за аранжманот и продукцијата ќе се погрижат Борче Кузмановски и Давор Јордановски.
Песната ќе се снима во ренoмираното студио Fames во Скопје, со симфониски оркестар во живо, а придружните вокали ќе се снимаат во Чикаго, од страна на поранешни членови на Детскиот Хор на Чикаго, каде и самиот Васил членуваше како дете.
Македонскиот претставник Васил Гарванлиев веќе ја сними и евровизиската разгледница, годинава во виртуелно студио во МТВ. Со цел да се избегне патување, организаторите на Евровизија осмислија креативни видео разгледници, во кои секој од учесниците ќе се појави на различни локации во Холандија преку холограм.