ВМРО-ДПМНЕ се пожалил кај меѓународните преставници за изборот на уставните судии


Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ги известила меѓународните фактори во Македонија дека двајцата можни кандидати за членови на Уставниот суд, Цветанка Иванова  и адвокатот Талески од Битола кои се од СДСМ се во судир со  членот 111 од Уставот  доколку бидат предложени и избрани.

-Членот 111 е многу јасен и вика дека функцијата на судија во Уставниот суд е неспоива со членување во политичка партија. И Цветанка Иванова и Талески од Битола најмногу што направиле е што се истакнале со нивното членство во СДСМ, изјави на прес конференција Антонијо Милошоски на ВМРО-ДПМНЕ.

– Ова би претставувало не само партизација, туку и „заевизација“ на Уставниот суд. Во време кога Македонија е на ниското 111 место заради корупцијата, со многу лоши оцени, меѓу другото и заради партизацијата на важни државни институции, не смееме да дозволиме „заевизација“ на Уставниот суд. Од друга страна, Цветанка Иванова, освен што е партиски активна, не го исполнува критериумот на истакнат правник. Таа дипломирала на Правен факултет, но нема ниту еден стручен и научен труд, ниту пак било каква пракса во правосудни или други органи кои се занимаваат со примената на правото за да може да се смета дека е истакнат правник, вели тој.

Милошоски и ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека послушноста кон Зоран Заев не треба да биде посилен аргумент од членот 111 од Уставот на Македонија кој што забранува партиски активисти да бидат членови на Уставниот суд.

– Апелираме до владејачкото мнозинство, не само со пратениците во Собранието, туку и со јавноста да ги сподели сите оние личности кои поднеле писмо за намери да бидат третирани како можни кандидати за уставни судии. Имаме сознанија дека таква желба пројавиле најмалку неколку квалификувани судии со долгогодишен, би рекол децениски стаж во нивната работна кариера, но за жал владејачкото мнозинство се’уште ги крие овие имиња, веројатно затоа што им е незгодно да направат споредба помеѓу кандидатите кои што се квалификувани за судии во Уставниот суд и партиските членови кои тие сметаат дека треба да бидат послушни на Зоран Заев во Уставниот суд, додаде пратеникот.