ВМРО-ДПМНЕ: Салиу не е приведен затоа што е Албанец или новинар
Тоа што СДСМ, ДУИ и останатите нивни лостови го прават со приведувањето на новинарот Фуркан Салиу претставува една грда и црна кампања, но и хајка која што е дел од едно поголемо сценарио кое што треба да биде замена за немањето програма на овие избори и да се прикрие нивната акутна неспособност која граѓаните ја знаат и ја чувствуваат, изјави денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
„Фуркан Салиу не е приведен затоа што е Албанец или Македонец, затоа што е православен или муслиман, затоа што е новинар или работник, затоа што е од ДУИ, од СДСМ или пак нема политичка партија. Приведен е затоа што попречил и нападнал службени лица од Министерството за внатрешни работи и незаконски чувал огнено оружје во својот автомобил со наполнета рамка куршуми. Прашањето овој пат не е дали тој имал дозвола за огнено оружје, туку фактот што, според информациите од МВР, незаконски го носел со наполнета рамка во своето возило, што е во целосна спротивност со законот. Впрочем, и самиот Фуркан Салиу вчера јавно призна дека поседувал оружје, и дека со своето однесување придонел за ескалација на настаните“, рече Стоилковски.
Тој додаде дека секој треба да се запраша како ќе поминел кој било друг граѓанин кој што ќе нападнел полицаец и кој што немало да се повика на „хистеријата креирана од ДУИ и СДСМ“.
„Јас, Наум Стоилковски, 30 години работев во новинарската фела, и јавно прашувам колку новинари, мои колеги имаат дозвола за оружје, и незаконски го носат на настани каде што има висока тензија и ризик“, рече Стоилковски.
Тој потсети дека ВМРО-ДПМНЕ прва побарала да се почитуваат сите права и слободи на новинарите и сите институции тоа да го земат предвид. Но дека партијата нема намера ниту да оправдува, ниту да брани случај во кој се нападнати полицајци.
„Ако се зборува за некакви задни намери, тогаш објективно овој инцидент најмалку му одговара на ВМРО-ДПМНЕ и самата хистерија на оваа тема говори дека СДСМ одработува поголемо сценарио за да го сврти вниманието во кампањата од реалните теми, а тоа е како да го направи животот на граѓаните подобар и да се смени неспособната и криминална власт“, додаде портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.